Во Собранието презентиран извештајот за активноститите на мвр за лажните дојави за бомби

Министерот за внатрешни работи Спасовски дојде во Собрание со извештајот за досега сработеното околу дојавите за бомби, но пратениците од опозицијата ја напуштија комисиската расправа.

Наместо целосно затворена седница, бараат јавноста да ги чуе информациите и одговорите кои според нив, не треба да се третираат со класифицираност “државна тајна”, односно системските пропусти на МВР во истрагите и кој треба да сноси одговорност за бавно постапување. Претседавачот на матичната комисија за одбрана и безбедност Миле Талески не гледа вина кај себе, вели дека постапил според надлежност и ја затворил седницата за која бил известен дека е со степен на доверливост.

Иако детали од собраниската расправа нема, Спасовски претходно информираше за дел од истрагите. Една истрага во Делчево била во завршна фаза, во тек е разврска и на друга дојава во Скопје, а генералниот заклучок според министерот е дека дојавувачите испраќаат мејлови од три причини: геостратешки, политички и авантуристички.

Досега МВР има поднесено две кривични пријави против малолетници од Скопје и Кавадарци за сторено дело тероризам. Освен со домашните ресурси, министерот најави дека ќе продолжат активно да соработуваат и со службите во регионот, НАТО, Европол и Интерпол за да се открие целосно кој стои зад хибридните напади врз државата.