
Скопска апелација му ја намали казната на екс-градоначалникот на Битола за една година од 8 на 7 години затвор. За една година му е намалена казната и на поранешниот секретар на општината, Слободан Бончановски. Деветмина обвинети во „Транспортер“ за злоупотреба на службената положба кои Кривичен им пресуди затворски казни од 2 до 3 години, Апелација им ги смени во условни.
Апелација одлучила да се конфискува и сума од 857.000 денари од една од обвинетие фирми, а ја потврдува конфискацијата од над 34 милиони денари пресудена од кривичниот суд. Оваа одлука на скопска апелација следува по 16 месеци од одржаната јавна седница и 10-тина дена, откако судски совет формираше комисија со задача да испита зошто дел од предметите меѓу кои „Транспортер“ и укинатите „Таргет-Тврдина“ и „Трезор“ долго време стоеле во судот без одлука.
Судиите од Апелација оцениле дека првостепената пресуда е јасна и разбирлива пресуда и без суштествени повреди а како неосновани ги оценил жалбите на одбраната.
„Постапувајќи по изјавените жалби, оцени дека првостепениот суд не сторил суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка на кој се укажува во изјавените жалби и на кои судот внимава по службена должност, во пресудата се утврдени сите решителните факти во врска со времето и начинот на извршување на кривичните дела, дадени се причините за решителните факти, извршена е правилна анализа на сите изведени докази и донесената пресуда е јасна, разбирлива и може во целост да се испита. Воедно, како неосновани ги оцени жалбените наводи за погрешно утврдена фактичка состојба, а со тоа и за погрешна примена на материјалното право, од причина што првостепениот суд утврдил правилна фактичка состојба а врз основа на сите изведени докази во текот на постапката, правилно ги утврдил сите решителните факти за кои дал доволно образложени причини во образложението на обжалената пресуда и со еднакво внимание ги испитувал и утврдил како фактите што ги товарат обвинетите, така и оние што им одат во корист, при што правилно постапил судот кога поклонил верба на доказите кои се поклопуваат помеѓу себе и даваат целосна слика за настанот, а притоа имајќи ја предвид и одбраната на обвинетите со што донел јасна и разбирлива пресуда, во врска со кривичните дела и кривичната одговорност на обвинетите“, стои во соопштението на апелација.
Предметот „Транспортер“ се однесуваше на злоупотреби со ученичкиот превоз во Битола, а првостепената пресуда судијката Добрила Кацарска ја објави во март 2020 година.