
Рускиот претседател Владимир Путин ги упати во петокот своите изрази на сочувство до народот на Бразил поради смртта на фудбалската легенда Пеле „исклучителниот човек и славен син на бразилскиот народ“, се наведува во соопштението од Кремљ.
„Благодарејќи на неговиот талент, неговите единствени вештини, неговата фасцинантно убава игра, фудбалот стана омилена игра на милиони луѓе ширум светот, вклучително и во Русија“, наведува Путин во телеграмата со сочувство до бразилскиот претседател на заминување Жаир Болсонаро.
„Имав задоволство лично да комуницирам со овој исклучителен човек и секогаш ќе се сеќавам на него“, додава Путин во врска со смртта на Пеле кој во четвртокот почина на 82-годишна возраст.
Истовремено, неговиот портпарол Дмитриј Песков на брифинг со новинарите акредитирани во Кремљ во петокот потврди дека Путин нема годинава да им ја честите Новата година на американскиот претседател Џо Бајден, на францускиот претседател Емануел Макрон и на германскиот канцелар Олаф Шолц.
„Овие колеги никогаш ништо не ни честитаат. Всушност, немаме никакви контакти со нив. И земајќи ги предвид непријателските потези кои постојано ги преземаат, претседателот нема да им честита“, изјави Песков.
Путин, инаку, изминатите денови испрати честитки по повод Нова година на адресите на повеќе светски челници кои одржуваат вообичаени контакти со Москва, и покрај силните притисоци на Вашингтон меѓународно да ја изолираат Русија.
Во списокот кој во петокот го објави кабинетот на рускиот челник, меѓу другите се наведени кинескиот претседател Кси Џинпинг, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, индискиот премиер Нарендра Моди, сирискиот претседател Башар ал-Асад, венецуелскиот претседател Николас Мадуро, како и на челниците на земјите во Азија и на Блискиот исток/
Покрај, нив Путин лични честитки им упатил и на неговите пријатели, поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони и на поранешниот германски канцелар Герхард Шредер.