
Собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања денеска го верификуваше мандатот на новата пратеничка во Собранието професорката во средно училиште, Даниела Стојановска – Пановска од СДСМ. Мандатот на новата пратеничка претходно беше констатиран на денешната 67.седница на Државната изборна комисија.
Стојановска – Пановска, која беше следна од листата на СДСМ и коалицијата во Изборната единица 3, доаѓа на местото на пратеникот Зеќир Рамчиловиќ, кој е именуван за амбасадор во Црна Гора.
Дитмире Шеху, потпретседател на Државната изборна комисија информира дека Стојановска – Пановска во предвидениот рок ја известила ДИК дека го прифаќа пратеничкиот мандат. Посочи дека ДИК издаде уверение за избраниот пратеник Даниела Стојановска – Пановска.
Претседателот на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања Панчо Минов се заблагодари на Зеќир Рамчиловиќ за досегашната работа како пратеник во Собранието, а на новата пратеничка и посака успешна пратеничка работа и функција.