Германската полиција ги разбива протестите против проширувањето на рудник на лигнит

Германската полиција во средата започна од напуштеното село да ги растерува климатските активисти кои протестираат против планираното проширувања на рудник на лигнит.

Демонстрантите кои со месеци кампуваат во напуштеното село близу Луцерат на западот од Германија, формираа човечки синџир, поставија импровизирани барикади од стари контејнери и скандираат „Тука сме, гласни сме, бидејќи ни ја крадете иднината“ додека кон нив се движеа полициските сили во опрема за разбивање демонстрации.

Притоа полицијата, од активистите од кои многумина маскирани, била гаѓања со шишиња од пиво, како и камења и молотови коктели.

Климатските активисти протестираат против отворањето и проширувањето на рудникот Гарцвејлер, со кој управува енергетскиот гигант RWE во селото Луцерат во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија.

Од RWE во средата претпладнето го најавија уривањето на населбата крај селото. Последниот жител на Луцерат го напуштил селото во 2022 година, откако го продал својот имот на RWE, а активистите тврдат дека тоа се случувало присилно.

„RWE апелира на сквотерите да го почитуваат владеењето на правото и на мирен начин да ја завршат незаконската окупација на зградите, постројките и местата коишто припаѓаат на RWE. Никој не би требало да го ризикува своето здравје и живот со учество во незаконски активности“, соопшти компанијата.

Протестот доаѓа по одлуката на регионалниот суд во понеделникот со којашто е потврдена претходната судска одлука за празнењето на селото од сквотерите и активистите од земјиштето и недвижнините кои сега припаѓаат на RWE.

Германската полиција во вторникот започна со растурање на барикадите и отстранување на демонстрантите. Ги повика активистите на воздржаност и избегнување на насилство.

Ескалацијата на протестот укажува на сѐ поголемите тензии во германското општество околу климатските политики на трипартиската влада во Берлин, во која значаен фактор се токму неолибералните еколози од партијата Зелени, а за кои еколозите тврдат дека е ставена во втор план по енергетската криза којашто ја зафати Европа уште есента 2021 година, а се продлабочи по воведувањето на западните санкции против Русија откако во февруари 2022 година оваа земја изврши инвазија во Украина.

Владата на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц се правда дека била „принудена“ да се врати на „валканите“ енергенси. Тоа вклучува повторно ставање во функција на централните на јаглен и продолжувањето на траењето на нуклеарните реактори.

Прашањето е особено чувствително за агресивната партија Зелени, откако 16 години мина во опозиција. А за спасувањето на нејзиниот рејтинг во опаѓање, владата сепак го скуси рокот за затворање на сите централи на јаглен во Северна Рајна Вестфалија, од 2038 на 2030 година, со што се исполнува предизборното ветување на Зелените.

Рудникот Гарцвајлер вади околу 25 милиони тони лигнит секоја година според официјалните податоци на RWE. Компанијата јавно ја поддржува енергетската транзиција, но и привремено користење на централите на лигнит, за Германија да ја преброди енергетската криза.