
Јапонија, Соединетите држави и Европската унија мора да имаат единствен пристап кон Кина, изјави јапонскиот премиер Фумио Кишида во петокот во Вашингтон, во текот на посетата чијашто цел е јакнењето на сојузништвото меѓу Токио и САД кои гледаат сѐ поголеми предизвици во Кина.
Кишида во говорот на Школата за напредни меѓународни студии на вашингтонскиот Универзитет „Џон Хопкинс“ рече дека Кина претставува главен предизвик и за Јапонија и за САД.
„Апсолутно е клучно Јапонија, САД и Европа да бидат единствени во управувањето на своите односи со Кина“, рече јапонскиот премиер.
Кишида претходно во петокот во Белата куќа се сретна со американскиот претседател Џо Бајден кој рече дека САД и натаму силно се доследни во сојузништвото со Јапонија, и ги пофали „историските“ одбранбени реформи кои Токио ги најави минатиот месец.
За овој потег на владата на Кишида, критичарите велат дека претставува неприфатлива милитаризација по иницијатива на Вашингтон последните годни на земјата којашто има мачна историја на окупации и ѕверства во азиско-пацифичкиот регион, што може да предизвика дополнителни тензии во регионот.
САД и Јапонија ја „повторија важноста на мирот и стабилноста“ во Тајванскиот теснец и „предупредија“ дека Русија „не смее да корист нуклеарно оружје“ во Украина. Вашингтон и Токио, исто така, зборуваа и за „провокациите“ од страна на Северна Кореја, во заедничката изјава што ја објави Белата куќа.
„Силно се противиме на секакви обиди за менување на статус-квото со сила или принуда, каде и да е во светот“, се наведува во изјавата.