
Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, во рамки на денешната посета на Украина, го посети градот Бородјанка во киевската област кој е силно погоден од воените дејствија. Османи на почетокот од посетата изрази жалење за сите невини жртви и илјадници Украинци кои мораа да ги напуштат своите домови за да ги избегнат разорувачките последици од руската воена агресија.
-Сите ние кои даваме поддршка на Украина сме на вистинската страна на историјата, на вистинската страна на хуманоста, на почитувањето на правото на живот, истакна Османи.
Теренската посета се одвиваше меѓу рушевини, уништени станбени згради и институции. „Во вооружените дејствија од страна на Русија, разрушени се училишта, болници, и друга државна инфраструктура која, за жал и понатаму се оштетува или уништува„ – посочи Османи.
Тој воедно го осуди нападот на стамбена зграда во Дњепар, каде пред два дена загинаа повеќе од 40 лица, и има над 70 ранети. „Не постои оправдување ако континуирано се гранатираат цивилни цели. Ништо не може да оправда убивање цивили, попречување на транспорт на вода и храна, отежнување на работата на хуманитарните конвои. Ништо не може да оправда кога деца и бремени жени се оставени без греење, со недоволно храна“ – оцени Османи.
„Пустошот предизвикан од воената агресија врз Украина длабоко ме потресува. Уништувањето на виталната инфраструктура и страдањето на украинскиот народ мора да запре. Потребна е итна акција за да се стави крај на ова безумие и да се обезбеди помош за оние на кои им е потребна. Мораме да работиме да престане страдањето, а потоа да ги обновиме овие уништени области“ истакна претседавачот на ОБСЕ.