Германија скромно ги зголемила капацитетите за производство на струја во ветроцентралите

Германските капацитети за производство на електрична енергија од ветроцентралите само благо пораснале во 2022 година, по застојот од претходната година, поткрепени со инсталирањето на новите ветроцентрали на морето, покажува истражувањето на здружението Deutsche Windguard.

Минатата година во Германија биле активирани вкупно 38 нови ветротурбини со моќност од 342 мегавати (MW), според споменатото истражување. Така кон крајот на 2022-ра во погон биле 1.539 ветротурбини со вкупен капацитет од 8,1 гигавати (GW), се додава. Претходната 2021-ва биле активни 1.501 ветротурбина со капацитет од околу 7,8 GW, а на системот не системот не била споена ниедна нова турбина.

Германија произведува струја во ветроцентралите главно на Северното Море, чиј вкупен капацитет е 7 гигавати. Повеќето од нив се оддалечени од брегот најмалку 40 километри. Нивните капацитети се сѐ поголеми и на крајот од минатата година изнесувале во просек малку помалку од 5,3 мегавати по турбина, утврдиле од Deutsche Windguard.

Ветротурбините на морето ставени во погон во 2022 година имаат поединечни капацитети од 9 мегавати, најголеми откако Германија започна со производство на струја со користење на енергијата од ветер, се наведува во извештајот. Се додаваа дека до 2025 година просечниот капацитет би требало да надмине 11 мегавати.

Германија минатата година усвои значително поамбициозни цели за производството на струја во ветроцентралите на морето и сега планира до 2030 година да изгради дополнителни капацитети од најмалку 30 гигавати. До 2035 година, пак, би требало да пораснат на најмалку 40 а до 2045-та до најмалку 70 гигавати.