Пакистан потона во темнина, прекини на струјата низ целата земја

Пакистан потона темнина по прекинот на снабдувањето со електричната енергија во раните утрински часови во понеделникот, што предизвика затемнување низ целата земја, соопштија официјални лица.

„Ненадејниот пад на системот за пренос на електрична енергија предизвика прекин во земјата. Работата за одржување на системот напредува брзо“, објави Министерството за енергетика во твит рано во понеделникот.

Министерот за енергетика Хурам Дастагир изјави за локалните медиуми дека системот за производство на електрична енергија моментално е исклучен во текот на ноќите, бидејќи во зимскиот период има помала побарувачка низ целата земја.

„Меѓутоа, кога утрово беа вклучени системите, забележани се варијации на фреквенцијата и флуктуации на напонот на југот од земјата“, рече тој.

Министерот рече и дека може да бидат потребни најмалку 12 часа за да се врати снабдувањето со електрична енергија во целата земја.

Хаштагот #poweroutage е популарен на социјалните мрежи, а некои луѓе сметаат дека коалициската влада предводена од премиерот Шебаз Шариф е одговорна за падот. Прекинот на струја е еден од најлошите што ги доживеала земјата, со прекини во сите поголеми градови, вклучувајќи го и главниот град Исламабад.

Пакистан се соочува со ризик од неисполнување на обврските за палаќања, поради брзото намалување на девизните резерви, минатогодишните разорни поплави и глобалното економско забавување.