Палестинците ја прекинаа безбедносната координација со Израел

Палестинската самоуправа ја прекина безбедносна координација со израелските власти на Западниот брег (на реката Јордан), енклава којашто меѓународната заедница ја смета окупирана палестинска територија од Израел во ткн Шестдневна војна од 1967 година, по смртоносните операции од четвртокот во градот Јенин, изјави портпаролот на палестинскиот претседател Махмуд Абас.

„Во контекстот на повторената агресија против нашиот народ и поткопувањето на потпишаните договори, вклучително и безбедносните, сметаме дека безбедносната координација со израелската окупациска влада отсега повеќе не постои“, си истакнува во соопштението по состанокот на владата на Палестинската самоуправа.

Израелските командоси убија седум вооружени лица и двајца цивили во операција во четвртокот во Јенин, соопштија палестинските функционери, поттикнувајќи го стравувањето од разгорување на насилството по најголемиот број жртви во годината исполнета со судири.

Американски и арапски посредници изјавија за медиумите дека преговараат со израелската и со палестинската страна во надежи дека ќе спречат ескалација по судирот во Јенин, меѓу другите области од северниот дел на Западниот брег на кои изминатата година се одвиваа интензивни операции на израелските сили.

Израелската војска соопшти дека испратила специјални сили во Јенин да притворат челнови на радикална исламистичка вооружена групација за којашто се сомневаат дека „спровела и испланирала неколку големи терористички напади“, усмртувајќи „неколку од нив откако отвориле оган“.

Од движењето Исламски џихад, чија база инаку е другата палестинска енклава Појасот Газа, соопштија дека двајца нивни припадници се убиени во Јенин, кој според израелската војска претставувал милитантно упориште. Четворица од убиените вооружени напаѓачи биле припадници на Хамас кој владее со Појасот Газа од каде во 2007 година ја протера Фатх на Махмуд Абас и нејзините функционери, а еден загинат е припадник на вооруженото крило токму на партијата Фатах.

Убиени се и двајца цивили, жена и маж, соопштија локалните извори. Портпаролот на Абас ги осуди убиствата во Јенин како „масакр… спроведен со сомнителна меѓународна тишина“.

Зголемување на насилствата дојде по низата смртоносни палестински исламистички улични напади во израелските градови во март и април 2022 година. Според палестинското министерство за здравство, од 1-во јануари годинава израелските сили на Западниот брег убиле најмалку 29 Палестинци, вклучително и вооружени напаѓачи и цивили.