Израел стои зад нападите врз воен објект во Иран, објави WSJ

Израел стои зад нападот со беспилотни летала врз фабрика на иранското министерство за одбрана во градот Исфахан, објави во неделата весникот The Wall Street Journal, повикувајќи се на американски функционери.

„Израел го изведе тајниот удар врз иранскиот одбранбен комплекс“, го цитира весникот својот неименуван извор и се додава дека станува збор за првиот познат таков напад откако Бенјамин Нетанјаху повторно дојде на премиерската должност.

Покрај тоа, според написот, нападот доаѓа во периодот на интензивирање на консултациите меѓу израелските и американските функционери за новите начини за спречување на развојот на соработката меѓу Иран и Русија.

Претходно САД го обвинија Техеран дека наводно на Москва ѝ продал беспилотни ударни дронови и балистички проектили со среден дострел кои се користат во војната во Украина, што двете страни го категорички го отфрлија. Иранската страна призна дека испорачала одреден помал број дронови во Русија, но тоа бил многу пред почетокот на инвазијата во Украина.

„Се очекува дека новата влада на Нетанјаху, исто така, нема да ѝ обезбедува воена поддршка на Украина. Но таа ќе продолжи да изведува тајни напади насочени на цели од иранската нуклеарна и воена програма“, се наведува во текстот на WSJ.

Претходно во неделата регионалниот телевизиски канал Al Arabiya повикувајќи се на свои извори објави дека во синоќешниот напад со беспилотни летала врз воен објект во градот Исхафан, 440 километри источно од иранската престолнина Техеран, била вклучена воената авијација на САД.

Според иранската новинска агенција IRNA, складиштето за муниција во Исхафан ноќта кон неделата било нападнато со мини дронови. Едно од беспилотните летала било соборено од противвоздушните системи, додека другите две биле пресретнати и детонирани од воените единици. Магацинот претрпел помали оштетувања и нема извештаи за настрадани или загинати, според истиот извор.