Бајден ги отфрли испораките на „F-16“ во Украина, Западот се разидува по ова прашање

Украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников во вторникот во Париз би требало да се сретне со францускиот претседател Емануел Макрон, сред новата расправа меѓу западните сојузници на Киев во војната против Русија дали на Украина треба да ѝ се обезбедат и борбени јуришни авиони, откако американскиот претседател Џо Бајден по одобрувањето на тешките офанзивни тенкови „Abrams“ го исклучи испраќањето на авионите „F-16“.

Украина повеќе од цел месец, откако руската војска започна со постепено напредување на деловите од фронтот во Доњецк и Запорожје, инсистира кај западните сојузници да добие борбени авиони од четвртата генерација како што се „F-16“, откако минатата седмица по големиот притисок врз владата во Берлин беше издејствувано испраќање во прв ред на офанзивните тенкови од германско производство „Leopard 2“.

Тоа во петокот го потврди украинскиот министер за одбрана Олексиј Резников кој притоа побара и ракетни системи и други оружја со коишто украинската војска ќе може не само да го граѓа црноморскиот полуостров Крим кој во 2014 година влезе во составот на Руската Федерација, туку и цели на руската територија, од што најмногу стравуваат западните сојузници.

Запрашан во Белата куќа во понеделникот дали САД ќе ѝ обезбедат на Украина авиони „F-16“, американскиот претседател Џо Бајден отсечно одговори „Не“. Но се чини дека Франција и сѐ повоинствено расположената Полска се подготвени да го прифатат таквото барање на Киев, а францускиот претседател Емануел Макрон за новинарите во понеделникот во Хаг рече дека „по дефиниција ништо не е исклучено“ кога станува збор за воената помош.

Меѓутоа, Макрон истакна дека таквиот потег зависи од неколку фактори, вклучително и потребата да се избегне ескалација и гаранции дека авионите „нема да ја допрат руската почва“.

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки, исто така, не ја исклучи можната испорака на „F-16“ во соседна Украина, одговарајќи на новинарски прашања пред американскиот претседател Џо Бајден да ја исклучи таквата можност. Моравјецки подоцна на својата веб-страница објави дека секоја таква одлука ќе биде донесена „во целосна координација“ со земјите од НАТО.

Не е познато со колку такви летата полската војска располага и колку од нив Варшава е расположена да му отстапи на Киев, како и главниот фактот колку украинските воени пилоти се приспособени за користење на западните борбени авиони, откако се чини дека нејзината флотила од советски и постоветски авиони веќе е значително намалена во изминатата година од војната.

Шефот на кабинетот на украинскиот претседател, Андриј Ермак, на својот Telegram канал објави дека „забележал позитивни сигнали“ од Полска и додаде дека Франција „не го исклучува“ таквиот потег.

Главниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во вторникот се наоѓа во посета на Јапонија во обидот азиските западни сојузници да ги вклучи во поддршката за Украина, и поради тоа ѝ се заблагодари на владата на Токио. Ден претходно во Јужна Кореја го повика Сеул да ја зголеми воената помош во оружје за Украина.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија почнала „да се одмаздува за отпорот“ на Украина кон нејзината инвазија со безмилосни напади на исток. Зеленски со седмици предупредува дека Москва има намера да ги засили своите напади по околу два месеци практичен застој долж линијата на фронтот што се протега низ југ и исток.

Украина доби големо засилување минатата седмица кога Германија и САД ги објавија плановите за испорака на тешки тенкови, ставајќи крај на неколкунеделниот дипломатски ќорсокак околу ова прашање. Зеленски го повикува Западот да ја забрза испораката на ветеното оружје за Украина да може да тргне во наводна офанзива, но повеќето од стотиците тенкови што ги ветија западните земји со месеци се далеку од стварната испорака, и поради потребата за нивна набавка и ремонтирање, како и за обуката на украинските војници.

Британскиот министер за одбрана Бен Валас рече дека 14-те тенкови „Challeneger 2“ ветени од Лондон бидат на фронтот околу април или мај, без да даде точен рок.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, истакна дека испраќањето оружје од западните земји води до тоа „земјите од НАТО да бидат сè подиректно вклучени во конфликтот – но тоа нема потенцијал да го промени текот на настаните и нема да го постигне тоа“.

Белоруското Министерство за одбрана во вторникот соопшти дека Русија и Белорусија започнале еднонеделна обука на персоналот како подготовка за заедничките вежби во Русија во септември.