Стефковски на протест заедно со граѓаните на Автокоманда

Жителите од скопската населба Aвтокоманда, попладнево излегоа на протест, незадоволни што досегашното железарско парно, со кое имаа греење 24 часа, е префрлено на ЕСМ снабдување. Велат дека се префрлени на друг снабдувач на топлинска енергија без да бидат прашани. На протестот се приклучи и обрати градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

За протестот градоначалникот Стефковски објави на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:

Барањата на граѓаните на Автокоманда се и мои барања.

Вечерва на повик на граѓаните се приклучив на граѓанскиот протест на жителите на Автокоманда.
Не може Владата и АД Енергетика да го променат снабдувачот со топлинска енергија во Автокоманда без да ги прашаат корисниците

Очекувам да се прифатат барањата на граѓаните и АД Енергетика повторно да биде снабдувач за домаќинствата во Автокоманда – напиша Стефковски.

Од ЕСМ потврдија дека од денеска жителите на Автокоманда се потрошувачи на ЕСМ снабдување, исто како и со останатите топлани, и овие потрошувачи ќе бидат преземени од ЕСМ енергетика. Тие понатаму ќе добиваат фактури од ЕСМ снабдување, за што ќе треба да склучат договор со новиот снабдувач.