
Со македонски знамиња, знамето со сонцето од Вергина и транспаренти, група граѓани вечерва се собра на улицата „Самоилова“ која води кон црквата Свети Спас, за да чуваат ноќна стража кај гробот на револуционерот Гоце Делчев. Тие повикуваат и други граѓани да им се приклучат, а најавуваат дека ќе останат до утре сабајле, кога треба за да започне церемонијата на чествувањето.
Групата од педесетина граѓани не можат да се приближат кон гробот на Гоце Делчев, бидејќи полицијата веќе два дена таму има поставено барикади.
Граѓаните кои вечерва тргнаа од плоштадот Македонија, стојат пред барикадите, пеејќи патриотски песни и извикувајќи ги слоганите „Никогаш Северна, само Македонија“. Најавуваат дека имаат план да останат до изутрина за кога и официјално ќе почне чествувањето на 151-годишнината од раѓањето на Гоце Делче
Присутните велат дека не ги организирала политичка партија, туку дека сами се организирале.
Дел од нив имаат со себе земено и пластични столици.
Спроти нив, освен блокада од барикади, има и полициски службеници кои направија кордон околу оградата. Тие не дозволуваат ниту присутните, ниту неакредитираните лица да се упатат кон црквата Свети Спас.
Од Владата посочија дека прославата по повод раѓањето на Гоце Делчев ќе започне утре од 8 часот наутро, кога цвеќе на гробот ќе положат повеќе делегации.