
Фудбалерите на Селта Виго го победија во саботата вечерта во Севилја домашниот Бетис со 4:3, во натпреварот од 20-то коло на шпанската Примера.
Јорген-Странд Ларсен ги доведе гостите во водство во шестата минута, а Бетис го сврте резултатот со головите на Хуанми во деветтата и Серхио Каналес во 23 минута. До крајот на полувремето Селта израмни со голот на Габриел Веига во 42 минута. Истиот играч во 56 минута постигна гол за нова предност на гостите, додека четвртиот гол за Селта го постигна Жозе Аидо во 69 минута. Третиот гол на натпреварот за Бетис го постигна во 84 минута, кога од белата точка прецизен беше Набил Фекир. Во петтата минута од судиското надополнување, домашните останаа со десетмина на теренот бидејќи Луис Фелипе доби црвен картон.
Тимот од Севилја го зазема шестото место на табелата во Примера со 31 бод, додека Селта по втората врзана победа го зазема 11-тото место со 23 бодови.
Претходно во саботата Атлетик Билбао со 4:1 беше подобар од Кадиз, Есањол и Осасуна ремизираа со 1:1, а со идентичен разултат заврши и дуелот меѓу Атлетико Мадрид и Хетафе, а Елче со 3:1 беше подобар од Вилјареал.
Во недела на распоред се натпреварите Мајорка – Реал Мадрид (14.00 часот), Жирона – Валенсија (16.15), Реал Сосиедад – Ваљадолид (18.30) и Барселона – Севилја (21.00) а колото во понеделник ќе го заокружат Рајо Валјекано – Алмерија (21.00 часот)