
Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими шефот на мисијата на ОБСЕ во Република Македонија, Килиан Вал, и амбасадорите при мисијата на ОБСЕ на САД, Мајкл Карпентер, на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Неил Буш, на Германија, Геса Браутигам, на Италија, Стефано Балди и на Франција, Кристин Фаж. На средбата присуствуваше и амбасадорката на САД во Македонија, Анџела Агелер.
Претседателот Пендаровски и амбасадорите разменија мислења за актуелните состојби и случувања во Европа и регионот, како и за приоритетите на македонското претседавање со ОБСЕ.
Соговорниците разменија информации за улогата на ОБСЕ во контекст на руската инвазија врз Украина и неодложната потреба за обнова на мирот и стабилноста и спречување на натамошни конфликти.
Претседателот Пендаровски посочи дека Македонија е целосно подготвена да ја преземе одговорноста и да се соочи со сите предизвици.