Притвор од осум дена за уценувачот кој со закани зема 18.000 евра од тетовец

Осум дена притвор доби лицето З.Д. кој уценувал тетовец дека ќе објави компромитирачки фотографии и му земал над 18.000 евра, дознава КУРИР од извори од истрагата.

Според наши информации, изнудувачот ќе биде спроведен во затворот Шутка.

Полициски службеници од Отсекот за криминалистичка полиција – Одделение за економски криминал при СВР Тетово вчера вечерта во Мала Речица ги лишиле од слобода З.Д.(33) од с.Голема Речица, тетовско и Ј.А.(60) од с.Пирок, тетовско.

-По преземени мерки било утврдено дека од средината на јануари 2023, З.Д. во неколку наврати изнудил вкупно 18.630 евра од лице од Тетово, уценувајќи го дека ќе објави фотографии со компромитирачка содржина.

Според пријавеното, З.Д. во неколку наврати го организирал примопредавањето на парите преку Ј.А., такси возач во Тетово.

-Имено, тој му се јавувал на оштетениот и му кажувал да ги предаде парите на Ј.А., кој подоцна му ги доставувал нему. Истото било направено и во текот на вчерашниот ден, при што биле затекнати од полициски службеници при примопредавање на парите, информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.