
Една жена починала во болница во саботата, еден ден откако била спасена од под урнатините на зграда во јужна Турција каде што била заробена 104 часа по разорниот земјотрес во понеделникот, соопштија спасувачите.
Германските спасувачи во петокот ја извлекоа 40-годишната Зејнеп Кахраман од урнатините во градот Кирихан во јужна Турција. Нејзиното спасување го нарекоа „чудо“ во време кога спасувачките тимови пронаоѓаат сѐ повеќе тела по најсмртоносниот земјотрес во регионот во последните децении.
„Штотуку дознавме од (нејзиниот) брат и сестра дека Зејнеп, за жал, починала во болница. Штотуку го известивме тимот дека таа, за жал, почина и сега тоа го доживуваме со голема тага“, рече Штефан Баер, шеф на германскиот меѓународен тим за спасување.
Додека некои спасувачи ги задржуваа солзите и се тешеа меѓусебно, лекарот од тимот рече дека ризикот бил особено висок во првите 48 часа по толку комплицирана операција за спасување.
„На крајот на краиштата, таа навистина беше закопана повеќе од 100 часа. Не заробена, туку закопана“, објасни Питер Кауб.
Нагласи дека спасувачките напори не биле попусти.
„Да може да се умре во прегратките на сопственото семејство и да може да ги проживее (своите) последните моменти пред тоа, секоја секунда значи. По десет часа, откако ја започнавме (операцијата за спасување), таа го имаше првиот човечки контакт и можеше да разговара со преведувачот и со нас, а потоа дури и со нејзиното семејство. И конечно, нејзиното семејство можеше да ја држи во рацете“, рече Кауб.
Семејството на Кахраман претходно за Reuters изјави дека спасувачите пристигнале два дена по земјотресот во понеделникот.
Германските работници успеале да стапат во контакт со жената додека сѐ уште била длабоко под урнатините, каде преку црево ѝ доставувале вода. Во еден момент ѝ помогнале на нејзината сестра да се спушти по скалата поблиску до Зејнеп за да разговара со неа.
Вкупниот број на загинати од земјотресот што во понеделникот ја погоди јужна Турција и северна Сирија сега надминува 24.000.