Кинески дипломат: САД се број еден во светот за тајно следење на други држави

САД се земја број еден во светот за тајно следење на други држави, вклучително и европските земји, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин на брифинг во вторникот.

„Сакаме да истакнеме дека кога станува збор за националниот надзор, Соединетите држави се заслужено земја број еден во светот за надзор на другите, а меѓународната заедница, вклучително и Европа, го виде тоа преку своето искуство“, рече Ванг.

Венбин го кажа ова како коментар на тврдењата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за зголемена кинеска и руска шпионажа против земјите на Алијансата.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференција во понеделникот во Брисел рече дека неидентификуваните балони над Соединетите држави се знак за зголемено кинеско и руско разузнавање против земјите од Алијансата.