
Кина ги стави американските компании од воздухопловниот воен сектор „Lockheed Martin“ и „Raytheon Missiles & Defense“ во списокот несигурни правни лица поради нивните испораки на оружја и воени системи на островот Тајван, објави во четвртокот кинеското Министерство за трговија, што е уште еден потег во растечките разидувања меѓу Вашингтон и Пекинг.
„Донесена е одлука Lockheed Martin Corporation и Raytheon Missiles & Defense, кои се вклучени во продажба на оружје во регионот на Тајван, да бидат вклучени на листата несигурни компании, во врска со коишто ќе бидат преземени соодветни мерки“, соопшти кинеското министерство во соопштението за јавноста.
Како што натаму се истакнува во објавата, одлуката е донесена со цел да се заштити националниот суверенитет, безбедноста и развојните интереси на Кина поради продажбата на оружје на Тајван од страна на споменатите компании.
Откако ќе бидат додадени на споменатата листа, за овие компании ќе биде оневозможено да спроведуваат извозно-увозни активности со Кина, да инвестираат во земјата, а на нивните водства им е забранет влезот на кинеската територија, а исто така се повлекуваат дозволите за престој и работа на високите челници на споменатите компании кои работат во Кина.
Дополнително на тие компании им се наметнуваат и казни, чиишто износи се двојно поголеми од сумите во договорите коишто тие ги склучуваат за испораки на оружје на Тајван. Казните, според прописите на Пекинг, мора да бидат платени во рок од 15 дена од објавувањето на документот, во спротивно ќе бидат изречени дополнителни казни и други мерки.
Во септември поради истите причини кинеските власти одлучија да воведат санкции за претседателот на управниот одбор и за извршниот директор на „Raytheon Technologies“.
Кон крајот на минатата година, Пентагон објави дека американскиот Стејт департмент одобрил договори на компаниите за извоз на оружје на Тајван во износ од 1,1 милијарда долари. Според јавно објавените документи, станува збор за испорака на Тајван на 60 противбродски ракети „AGM-84K Harpoon Block II“ за 355 милиони долари, 100 ракети воздух-воздух „AIM-9X Block II Sidewinder“ за 85,6 милиони долари, како и продолжување на договорот за радарски станици во износ од 665,4 милиони долари.
Тензиите меѓу САД и Кина се во нова фаза овојпат околу наводниот кинески шпионски балон соборен минатата седмица над морето крај Јужна Каролина. Пекинг тврди дека станува збор за цивилен балон во метеоролошко-научни цели, а поради инцидентот американскиот државен секретар Ентони Билинен ја откажа закажаната за оваа седмица, прва таква по 18 години. Блинкен по откажувањето на посетата на Пекинг, како што беше во вторникот објавено во Вашингтон, сега разгледува состанок со кинескиот главен дипломат Ванг Ји оваа седмица на Минхенската безбедносна конференција. Меѓутоа, Пекинг воопшто не ги коментираше тие најави, ниту досега одговори на нив.
Претходно во август минатата година ситуацијата околу Тајван ескалираше по посетата на сега веќе поранешната претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси на островот, што беше јасно отстапување на Вашингтон од долгогодишната политика на остравот да не се испраќаат восоки државни функционери, по што следеа уште неколку посети од неколку делегации на американски конгресмени. Кина, која го смета островот за една од своите провинции, ги осуди посетитеи, сметајќи го потегот како поддршка на САД за тајванскиот сепаратизам и одржа големи воени вежби.
Во средината на ноември, кинескиот претседател Кси Џинпинг се сретна на маргините на самитот на Г-20 во Индонезија со американскиот претседател Џо Бајден и му кажа дека Тајван е црвена линија во кинеско-американските односи „која не може да се помине“. Бајден, пак, ја потврди посветеноста на Вашингтон на принципот „Една Кина“.