
Уште две лица беа извлечени живи од урнатините во Турција во петокот, 11 дена по разорниот земјотрес во кој загинаа повеќе од 43.000 луѓе во таа земја и во Сирија, а хуманитарните агенции ги засилија напорите да им помогнат на милиони луѓе кои останаа без покрив над главата.
Четиринаесетгодишниот Осман Халебије е извлечен изминатата ноќ од под урнатините во градот Антакија во југоисточна Турција, дури 260 часа по силниот земјотрес што во ноќта на 6-ти февруари ги погоди Турција и Сирија, објави државната новинска агенција Anadolu. Тој бил пренесен во болница.
Во истиот град од урнатините е извлечен 34-годишниот Мустафа Авчи, 261 час по земјотресот. Додека спасувачите го носеле на носилки, му обезбедиле видео врска со родителите кои му го покажале новороденото бебе.
„Целосно изгубив секаква надеж. Ова е вистинско чудо. Ми го вратија синот. Ги видов урнатините и помислив дека никој не може да се спаси оттаму. Се подготвивме за најлошото“, изјави неговиот татко Али Авчи.
Но, ваквите спасувања за жал стануваат се поретки. Бројот на загинати во разорниот земјотрес во Турција се искачи на 38.044, соопштија официјални лица.
Во соседна Сирија, која претходно беше уништена од дванаесетгодишната граѓанска војна, досега во земјотресот животот го загубија повеќе од 5.800 луѓе.
Ниту Турција, ниту Сирија не објавија колку луѓе сѐ уште се водат за исчезнати по земјотресот.
Во семејствата чии членови на семејството или роднините сè уште не се пронајдени, гневот расте поради, како што посочуваат, коруптивните градежни практики и целосно погрешниот урбан развој, што резултираше со уривање на илјадници домови и деловни простории. Турција вети дека ќе ги истражи сите инвеститори и градежници осомничени дека се одговорни за уривањето на зградите и нареди притворање на повеќе од 100 осомничени, вклучително и градежници и инвеститори.
Напорите за помош на населението во северозападна Сирија се отежнати поради долгогодишнаа војна и последиците од неа. Многу жители таму се чувствуваат изневерени и напуштени, во прв ред од Западот, особено во областите кои сѐ уште се под контрола на сунитските бунтовници кои ги вооружуваат и поддржуваа САД и сојузниците. Хуманитарната помош, којашто досега главно ја испраќаат Иран, Русија, Пакистан, Индија, Кина, Јордан, Катар и другите арапски земји од регионот, се доставува во деловите од земјата кои се под контрола на владата во Дамаск, која прави напори да се испорача и во областите кои не се под нејзина контрола.
Испораките од Турција беа прекинати веднаш по земјотресот, кога граничниот премин што ја користеа Обединетите нации беше привремено блокирана. Оваа седмица сирискиот претедател Бапар ал-Асад одобри да бидат користени за испорака на помошта на два дополнителни премини. Портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања изјави дека од четвртокот 119 камиони на ОН поминале низ премините Баб ал-Хава и Баб ал-Салам по земјотресот. Сепак, многу преживеани избегаа од регионот погоден од земјотресот, а оние што останаа велат дека повеќе не живеат како нормални луѓе, спијат на отворено и се плашат.