Кому му одат во прилог ударите од (не)знаење врз опозицијата?

Прелистувајќи ги интернет содржините минатата недела, во очи ми падна колумната под наслов „Културната политика на себепрогласената ’проевропска’ малограѓанштина“ од м-р Ивица Боцевски објавена во дневниот весник „Нова Македонија“. Со овој македонски интелектуалец се согласувам со многу негови ставови особено во делот на поимање на националните политики и дефинирањето на македонските интереси во актуелното време. Несомнено начитан, или кажано со модерен речник постојано „се апдејтира“ со информации од случувањата од светот.

Тоа што го опфатил во текстот повторно ме наведе на согласување, особено делот во кој го опфатил односот на анационалната Влада на Социјалдемократскиот сојуз кон македонската култура. Читајќи понатака негативно бев изненаден од контекстот во кој го става идеологот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Богдановски во една сосем непотребна компарација. Лично јас, бев привлечен од идеите на тој човек во 90-те години да се приклучам во единствената тогаш национална партија (а не од 24 годишното момче Љубчо Георгиевски кое тогаш имаше недооформено формално образование). Боцевски го пишува следново:

Пред само една деценија, во 2012 година, Блаже Миневски објави една книга што се вика „Црна Лисица“, исто така поддржана од Министерството за култура токму на конкурсот за финансирање проекти од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност. Оваа книга го разби во парампарче митот на тогашната владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, за Драган Богдановски, како нивни основач. Не се сеќавам дека кој било реален историски лик од совремието бил толку сериозно и темелно вивисециран низ оптиката на еден врвен книжевник, како што тоа беше случај со Драган Богдановски низ перото на Блаже Миневски. Тој ја прикажа сета комплексност на неговата личност, од која само една црта е злосторството што му е направено со киднапирањето во Париз и незаконскиот притвор во „Јасен“. Но и ја развеа сета митологија што беше создавана околу него, од партијата во чие основање учествувал на самите почетоци. Значи, „страховладата“ и „режимот“ немаа никаков проблем да финансираат преку државниот буџет една книга што се пресметува со еден од нивните основачки митови.“ (https://novamakedonija.com.mk/pecateno-izdanie/kulturnata-politika-na-sebeproglasenata-proevropska-malogragjanshtina/).

Намерата во оваа колумна воопшто не ми е да полемизирам дали Миневски заслужува да му биде публикувана книга од страна на Министерството за култура, се разбира дека треба. Деновиве ги видовме проектите кои ова Министерство планира да ги финансира и најмалку што може да се каже дека се шокантни. Она што ме натера да реагирам е тоа што Ивица Боцевски со ова писание народски кажано „пушта бубачка“, инклинира да наговести нешто во негативна конотација за Драган Богдановски и тука запира, оставајќи го читателот во прашалници. Се разбира противниците на опозицијата (од редот на старите удбашки структури и народњаците) ќе бидат задоволни од „признанието“  додека приврзаниците на опозицијата се збунети што пишува Ивица Боцевски.

Бидејќи  триесет и три  години ги следам идеите на Богдановски мора да му одговорам на авторот на колумната во овој цитиран дел. Ликот и делото на Драган Богдановски беше потиснат свесно и беа непознати за пошироката јавност се некаде до 2009/2010 година кога почнаа срамежливо да излегуваат првите написи и сеќавања. Ова е лесно проверливо. Жигосан од југокомунистичките власти, а подоцна потиснат од култот кој си го градеше Љубчо Георгиевски, јавноста, членовите на ВМРО-ДПМНЕ почнаа да осознаваат многу доцна за својот идеолошки татко. Да потенцирам, тој со својот национален активизам не е важен само за партијата туку и за македонската национална кауза во прв ред. Благодарејќи на таа Влада тогаш, почнаа да се финансираат книги кој Богдановски лично ги пишувал, да се реализираат документарни филмови за него како „Жртви на комунизмот“, па се постави негова восочна фигура во Музејот на ВМРО итн. И тоа е најмалку што можеше да се направи за овој борец за демократија и за обединета Европа. Би рекол дека последниве 15 години сеуште го демистифицираме Драган Богдановски и ја тргаме пепелта што ја фрлија неговите противници по идеологија. Откриваме нови факти ама имаме и голем отпор од неговите противници. Тешко оди.

Романот на Миневски „Црна Лисица“ беше публикуван во 2012 година. Јавно да констатирам, ние во тој период сеуште го вадевме името на Богдановски од заборавот оттука според која логика „била развејувана митологија“ со посочениот роман кога немало време да се создава митологија?! За да се создаваат митови треба години па и децении. Не, почитуван Боцевски не ви е точно тврдењето, немало и нема митови за Драган Богдановски, има полициски конструкции. Понатака, романот по дефиниција е долго раскажувачко книжевно дело во проза или понекогаш во стихови засновано на замислена приказна, односно кое не се потпира целосно на факти. Почитуван Боцевски, вие сте умен човек, како може да не знаете дека митови се разбиваат со научни открија а не со романи?! Споредбата која ја правите со одлуката на актуелната министерка за книгата на Миневски и со одлуката на бившата министерка за публикување на романот „Црна Лисица“ е несоодветна, лукава и штетна за опозицијата во целост. Јас не знам како сте ја доживеале оваа книга, што е толку спорно во нејзината содржина.

Бидете директен кажете кои се тие митови на ВМРО-ДПМНЕ за Драган Богдановски па да ја прошириме дебатата. Дека бил човек со доблести и слабости како сите ние бил. Дека е репресиран, измачуван и дека му се залепени посмртно лаги и тоа е точно, исто така, дека прв говореше за интеграција во ЕУ (тогаш во ЕЗ) кога многу од вашата генерација се уште посетуваа детска градинка точно е. Само едно знам дека не сум слушнал сеуште да некој од интелектуалците, колумнистите кои се поврзани со левицата да внесуваат сомнеж за постапките на Киро Глигоров или за Глигорие Гоговски. Затоа ова ваше изнесување го доживувам а и други основачи на ВМРО-ДПМНЕ кои ми се јавуваат како удар врз опозицијата. Во нејзиниот корен, во нејзината историја.

Велите дека се трудите да не навлегувате во области каде што имате интерес, често и прежежок интерес, но немате никакво продлабочено знаење за да понудите став или осврт достоен да биде вклучен во јавната дебата.

И така нека биде оставете го Драган Богдановски на специјалистите, и не бидете многу увиѓаен што би рекле кумановци спрема овие на власт.  Еве ви давам предлог да стапите во контакт со Ставре Џиков, адвокатот на семејството на Богдановски, ангажиран за негова рехабилитација да слушнете какви опструкции прават македонските судови.

Со нетрпение го очекувам вашиот одговор на мојата колумна, за да ги расчистиме вашите дилеми околу историјата на ВМРО-ДПМНЕ. А, ние основачите го чекаме моментот кога ќе има споменик на овој македонски дисидент и маченик!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес