
Во рамки на проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ Здружението за заштита и одржлив развој на животната средина „Регионален зелен центар“ од Охрид го објави документарниот филм за значењето на трската во Охридското Езеро.
Се работи за краток филм кој ги прикажува убавините и значењето на трската за биодиверзитетот, потребата од нејзина соодветна заштита, како и моменталната состојба на појасот на трска во Охридското Езеро.
Во филмот е документирано постигнатото од секоја фаза на проектот, односно статистички се уредени податоците од спроведените теренски истражувања.
Докумантарниот филм е објавен на социјалните мрежи на здружението и на „Јутјуб“ платформата, а во скоро време треба да се емитува и на телевизиите. Филмот заедно со кратки информативно-едукативни видеа ќе се користи како материјал што ќе се презентира во сите основни училишта во Општина Охрид.
Проектот „Мапирање и управување со трската во Охридското Езеро“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во „Западен Балкан 2 – ReLOaD2“ финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).