Оваа реконструкција на Владата е спас само за да опстане ден повеќе, вели Јаулески 

Јован Јаулески, пратеник на денешната собраниска седница зборуваше за реконструкција на власта каде потенцираше дека е тао спас за Владата која стои на стаклени нозе и се бори да опстане ден повеќе.

-Трагикомичната претстава под режија на власта за реконструкција на владата продолжува и денеска. Она кое тие го викаат реконструкција кај народот е познато како уште еден обид за спас на владата која стои на стаклени нозе и грчевито се бори да купи ден повеќе, бидејќи во истиот момент кога ќе падне, ќе треба да се соочат со правдата, рече Јаулески.

Пратеникот во текот на своето обраќање се осврна на Артан Груби каде му порача дека треба да му е јасно дека ВМРО-ДПМНЕ не може да биде заложник  на никого.

-Она кое ми боди очи деновиве кога трае овој циркус се глупавите изјави на Артан Груби дека ВМРО-ДПМНЕ е заложник на Левица и е криминална структура. Премиере, не Ковачевски, туку Груби, бидејќи Ковачевски е само маскота што треба да потпишува она што сака ДУИ. Господине Груби, прво што треба да ти е јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ не може да биде заложник  на никого и токму тоа е она што ве вади од кожа, што не можете да го контролирате ВМРО-ДПМНЕ како СДС и токму тоа е она кое ви ги меша плановите за менување на Уставот. Тоа ве вади од кожа, ве тера да се чувствувате поразено и да не можете да го истерете она за кое што се дале ветување таму горе, кај тие што ве контролираат, потенцираше Јаулески.

Тој јасно посочи дека ВМРО-ДПМНЕ нема во никој случај да гласа за Уставни измени.

-Ниту во најлудиот сон ВМРО-ДПМНЕ нема да гласа за Уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, кажа Јаулески. Тој порача: -Македонија и македонските граѓани се повеќе од 20 години заложници од страна на вашите криминални структури. Заложници се и Албанците.