
Американскиот претседател Џо Бајден се сретнал во понеделникот во Киев, во текот на својата куса ненајавена посета, со украинскиот претседател Володомир Зеленски, во пресрет на годишнината од руската инвазија во Украина на 24-ти февруари.
Сирените за тревога од наводен воздушен напад се слушале во текот на посетата на Бајден, но нема извештаи за руски напади. Медиумите потсетуваат дека слична била сликата и во Киев и при претходните посети на западните челници, како и дека веројатно и сега Москва била предупредена и известена иако за тоа нема официјални потврди и од двете страни.
„Џозеф Бајден, добре дојдовте во Киев! Вашата посета е исклучително важен знак на поддршка за сите Украинци“, напиша Зеленски на апликацијата за размена на пораки Telegram.
Како што појаснува порталот Страна.ua, двајцата претседатели одржале средба во храмот на свети Михаил. Се додава дека првите снимки од Бајден на плоштадот Михајловски, се под сирените за воздушен напад.
Станува збор за прва посета на Бајден на Украина од почетокот на руската инвазија што претставува „голем знак на поддршка“, оценува Reuters.
Во соопштението на Белата куќа се вели дека Бајден ќе најави санкции за Русија, за кои во неделата пишуваше Bloomberg News, како и нова воена помош на Украина. Според The New York Time, шефот на САД ја организирал посетата за да ги убеди сојузниците за продолжување на американската помош за Киев. Од безбедносни причини, патувањето било подготвено тајно.
По претставувањето на членовите на делегациите, претседателите на двете земји разговарале во четири очи, соопшти кабинетот на Зеленски. Украинскиот лидер рече дека разговарал за набавка на оружје со долг дострел со својот американски колега, пренесува CNN. Според дописникот на Financial Times, Кристофер Милер, Бајден со воз пристигнал во Киев рано наутро.
Како што се наведува во соопштението објавено на веб-страницата на Белата куќа американскиот претседател дошол во Украина за да ја „потврди (…) непоколебливата и непроменлива посветеност на демократијата, суверенитетот и територијалниот интегритет“ на земјата.
Американскиот челник му ветил на Киев нов пакет воена помош од 500 милиони долари, кој ќе вклучува повеќекратни ракетни системи за лансирање HIMARS, артилериски гранати, хаубици и прититвтенковски системи Javelin.
На заедничката прес-конференција со Зеленски, Бајден, исто така, рекол дека САД ќе ја поддржуваат Украина „колку што е потребно“.
Бајден допатува во украинската престолнина истиот ден пред најавената посета на Полска, и ден пред најавеното обраќање на рускиот претседател Владимир Путин во кој на Западот очекуваат дека ќе ги изнесе руските цели во продолжувањето на војната.