
Американскиот претседател Џо Бајден ќе се сретне со лидерите на источното крило на НАТО во среда за да покаже поддршка за нивната безбедност откако Москва го суспендираше своето учество во историскиот договор за контрола на нуклеарното оружје.
Договорот Нов СТАРТ, откако истече на почетокот од 2021 година автоматски продолжи да важи до 2026 година поради колебањата на САД да го потпишат и инсистирањето во него да биде вклучена и Кина која тоа го отфрла поради нестазмерноста на нејзините нуклеарни арсенали. По почетокот на војната во Украина, Вашингтон ја повикуваше Русија на продолжување на инспекциите, но Москва ги нарече таквите активности цинични имајќи ја предвид американското одбивање на постигнување договор за безбедноста кој го бараше Русија на крајот од 2021-ва и поради инволвираноста на САД во украинската војна.
Бајден доцна во понеделникот пристигна во Варшава по ненадејната посета на Киев само неколку дена пред првата годишнина од руската инвазија на Украина на 24-ти февруари. Во време на најголеми тензии меѓу Русија и Западот во децениите по Студената војна, Бајден во вторникот им се обрати на илјадници во центарот на Варшава и рече дека „мора да се спротивстави на автократите како рускиот претседател Владимир Путин“.
Бајден во средата ќе се сретне со персоналот на американската амбасада во Варшава, пред да ги собере лидерите на Букурештската група од девет земји од источното крило на НАТО, кои се приклучија на западната воена алијанса откако беа доминирани од поранешниот СССР во текот на Студената војна. Повеќето од нив се меѓу најсилните застапници за воена помош за Украина, а официјални лица од земјите во таа група побараа дополнителна опрема како што се системи за противвоздушна одбрана.
На состанокот Бајден планира да ја потврди посветеноста на нивната безбедност и да разговара за поддршката за Украина пред да се врати во Вашингтон. Русија го смета НАТО, кој наскоро би можел да се прошири и да ги вклучи Шведска и Финска, како егзистенцијална закана, особено по одбивањето да се постигне договор меѓу САД Алијансата и Москва на крајот од 2021 година, со кој базите и распорените проектили би биле вратени на позициите до 1997 годона, како и за непримање во членство на земјите кои се директно на руските граници, како Украина и Грузија.
Пораката на литванскиот претседател Гитанас Наузеда до Бајден ќе биде дека сака „поголемо американско вклучување во Европа, источното крило на НАТО и, се разбира, поголема помош за Украина“, изјави неговиот висок советник за надворешна политика за литванското радио во вторникот.
„Литванија и другите земји со истомисленици имаат неколку барања во однос на воздушната одбрана, одбранбеното присуство, системите за противвоздушна одбрана и поголеми инвестиции во одбранбената индустрија“, рече Аста Скаисгирите.
Поранешната советска република која има и темно минато во однос на Русија се приклучи на НАТО во 2004 година и планира да биде домаќин на Бајден на самитот на лидерите на безбедносните сојузи во јули.