
Поранешниот руски претседател и премиер а сега втор човек на Советот за национална одбрана, Дмитриј Медведев, изјави во петокот дека единствениот начин Русија да обезбеди траен мир со Украина е да се поместат границите на непријателските земји што е можно подалеку, дури и доколку тоа би се однесувало на Полска која е членка на НАТО.
Ден претходно полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак објави дека полската армија поставува противтенковски препреки ткн „ежови“ на патиштата кои водат кон Белорусија и Русија.
„Започнавме превентивно зајакнување на безбедноста на границата со Русија и Белорусија. Ова е дел од нашата стратегија за одбрана и одвраќање“. Првите утврдувања веќе се распоредени на границата со регионот Каининград“, објави полскиот министер Блашчак на Twitter.
Блашчак притоа постави фотографии од противтенковска препрека и бетонско утврдување кои веројатно се во правец на контролни погранични пунктови.
Во петокот, пак, Медведев своите оцени го објави на апликацијата Telegram точно на годишнината од почетокот на руската инвазија во Украина којашто Москва ја нарекува „специјална воена операција“ за заштита на руското население на Донбас и својата национална безбедност.
Медведев не ја доведува во прашање победата на Русија во војната „којашто ќе заврши со некаков лабав договор“. „Победата ќе биде постигната. Сите сакаме тоа што поскоро да се случи. И тој ден ќе дојде“, напиша.
Според неговите процени, ќе бидат водени жестоки преговори со Украина и со нејзините покровители од Западот и на крајот ќе биде постигнат „некој вид договор“.
Медведев, исто така, рече дека во идните преговори одлуките во името на Киев нема да ги носи „некој Зеленски, ако уште биде жив“ (алудирајќи на своето постојано тврдење дека украинскиот народ ќе го собори украинскиот претседател), туку „оние од преку океанот во чиишто раце се снабдувањето на Киев со оружје и издавањето пари за одржување на остатоците од украинското стопанство“.
Меѓутоа, додава Медведев, во договорот ќе недостига „клучниот договор за вистинските граници“ и поради тоа Русија ќе мора сега да ги прошири своите граници.
„Токму затоа важно е да бидат остварени сите цели на специјалната воена операција. Да се поместат границите кои претставуваат закана за нашата земја што е подалеку можно, дури и доколку се работи за границите на Полска“, пишува Медведев во очигледната намера да предизвика вознемиреност во Варшава.
Агенцијата Reuters оценува дека тоа би ја довело Русија во директен судир со НАТО и потсетува дека американскиот претседател Џо Бајден претходно седмицава во Варшава порача дека пактот ќе го „брани секој сантиметар територија на НАТО“.
Полска има долга источна граница со Украина кон историски спорната Лвовска област и со Белорусија која е во државен сојуз со Русија, како и на североисток 200 километри долга граница со руската балтичка енклава Калининград.
На почетокот од февруари претставничката на полските погранични сили Ана Михалска ги најави плановите за градење електронска ограда кон Калининград во мај, во износ од 84 милиони долари, со што ќе биде заменета сегашното ограничување на границата со бодликава жица.
Според полската погранична служба во текот на целата измината година од војната во Украина биле забележани 11 илегални влегувања во пограничниот појас, како и повремени случаи кои не се оценети како безбедносно ризични.
Минатото лето Полска го доврши најголемиот дел од изградбата на бариери на границата со Белорусија, чија должина е 186 километри а чинеше околу 400 милиони долари. Оградата е опремена со камери за ноќно надгледување, сензори за движење и друга современе асофистицирана електроника.