
Основниот суд во Приштина осуди четири лица, од кои тројца малолетници, на вкупно 40 години затвор за силување на 11-годишното девојче во Приштина во август 2022 година, пренесува „Р.С.Европа“.
Обвинетиот Е.Р. е осуден за кривично дело силување на затворска казна во траење од 15 години во која е вклучено и времето поминато во притвор.
Вториот, малолетникот Ј.С., судот го прогласи за виновен за силување и злоупотреба на деца во порнографија и е осуден на осум години малолетнички затвор.
Малолетниот Г.Р. е осуден на девет години затвор за малолетници за силување, злоупотреба на деца во порнографија и помагање во извршување на кривичното дело силување.
Малолетниот Г.Ј. беше прогласен за виновен за кривичните дела силување и злоупотреба на деца во порнографија и осуден на осум години затвор за малолетници.
Обвинетиот Ш.К е ослободен од кривичното дело давање сексуални услуги на жртва на трговија со луѓе.
Во соопштението судот посочи дека не утврдил дека девојчето е жртва на кривично дело трговија со луѓе.
Кривичниот законик на Косово предвидува казни од две до 15 години затвор за силување и други сексуални напади.
Инаку, случајот за силување на девојчето во Косово во август минатата година доведе до протести на кои насобраните граѓани повикуваа на заштита и безбедност на девојчињата и жените, како и заслужени казни за сторителите.
Во Косово, според податоците на полицијата, секоја година се пријавуваат десетици случаи на сексуално насилство. Мрежата на жени на Косово објави дека најголем број жртви на насилство се девојчиња на возраст од 13 до 16 години.