Зеленски во солзи поради илјадниците загинати војници

Украинскиот претседател Володомир Зеленски ја одбележа во петокот годишнината од руската инвазија со порака за пркос и солзи за илјадниците војници кои загинале во руската „специјална воена операција“.

Како што известуваат репортерите на Reuters, во студеното и облачно утро, 45-годишниот украински претседател им се обратил на вооружените сили и помала група великодостојници на Плоштадот на света Софија, кај истоимениот православен храм.

„На сите вам кои се борите за Украина сакам да ви кажам (…) Горд сум на вас. Сите ние, секој од нас е горд на вас“, рече Зеленски воздржувајќи ги солзите додека ги одликуваше војниците со Орденот херој на Украина, пренесува Reuters.

Во текот на интонирањето на државната химна, присутните ги наведнале главите во текот на едноминутниот молк во чест на загинатите, а Зеленски заплакал.

Според процените Зеленски во Украина сѐ уште ужива солидна популарност, а на сограѓаните секојдневно им се обраќа со пораки снимени од паметен телефон, а на тој начин комуницира и со светот и секојдневно бара дополнително зголемување на меѓународната поддршка во вооружување и пари.

Во 15-минутното видео објавено во медиумите и насловено „Година на непобедливоста“, Зеленски вети дека ќе го порази непријателот.

„Пред една година на денешен ден, од ова исто место околу седум наутро, би се обратив со куса изјава, во траење од само 67 секунди… Ние сме силни. Подготвени сме на сѐ. Ќе победиме секого. Така почна на 24-ти февруари 2022-ра. Најтешкиот ден во нашата понова историја. Рано се разбудивме и од тогаш не сум спиел“, рече Зеченски во својот говор со свечена музика во заднината.

Западните воени функционери официјални ги проценуваат жртвите на двете страни во најголемиот судир во Европа по Втората светска војна на по повеќе од 100.000 заинати и ранети. Десетина илјади цивили исто така загинаа, додека милиони ги напуштија своите домови.

Зеленски кој постојано инсистира да се зголеми воена и финансиска помош која Украина ја добива од западните земји последните осум години, а особено од почетокот на војната, ја опиша 2022-ра како „година на отпор, храброст, болка и единство“.

„Станавме една голема војска… во којашто сите го даваме сопствениот придонес. Ги трпиме сите закани, гранатирања, касетни бомби, крстосувачки ракети, преживеавме. Не сме поразени. И ќе сториме сѐ за да победиме оваа година“, порача Зеленски.