
Најмалку 30 лица загинаа во близина на источниот брег на италијанската провинција Калабрија во бродолом на брод со мигранти, објавија во неделата ANSA и други италијански новински агенции.
Дваесет и седум мртви тела се пронајдени исфрлени на брегот во Стекато ди Кутро во близина на јужниот италијански град Кротоне, а неколку биле забележани во морето, соопшти ANSA, додавајќи дека три тела биле пронајдени и во водата.
Новинската агенција Adnkronos јави дека на бродот во кој се превезувале мигрантите имало повеќе од 100 луѓе и дека околу 50 од нив биле спасени.
Бродот, кој превезувал мигранти од Иран, Пакистан и Авганистан, удрил во карпите при неповолни временски услови, објави Adnkronos.
Италијанската крајбрежна стража не била веднаш достапна за коментар.