Проблемот со дојавите за бомби во училиштата ќе се расправа на Влада

Нови дојави за бомби утрово стигнаа на меил адресите на 30 училишта во Скопје уште на првиот час, што повторно доведе до заминување на учениците дома и повторно проблеми околу приклучувањето на платформата за онлајн настава.

Министерот за образование Јетон Шаќири вели дека имало проблеми со приклучување на платформата поради тоа што дел од училиштата дури вчера ги добија препораките за да пристапат со лозинките во системот. Тој рече дека е против целосно воведување на онлајн настава, но, дека на ниво на Влада заедно со директорите на училиштата ќе се бара решение и засега не сакаат да брзаат со таква одлука.

„Таа одлука не брзаме да ја донесеме, но истовремено таа одлука ќе треба да се донесе и за основното образование затоа што вчера и денеска повеќе дојави за бомби има во основните училишта, отколку во средните. Затоа се прават неколку анализи. Одлуката за целосна онлајн настава не е лесно да се донесе заради тоа што не се знаат последиците кои ќе бидат и во другите градови и другите основни училишта“, вели Јетон Шаќири.

За постојаните закани со бомби во училиштата претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓоргиевски бара МВР да преземе сериозни чекори и да ги пронајде испраќачите на лажните дојави во училиштата.

„Како претседател на ЗЕЛС го повикувам министерот Спасовски да ги заврши објаснувањата како не можат да ги најдат сторителите. Не поминува повеќе никакво објаснување бидејќи резултати од ниедна истрага нема“, додаде Орце Ѓоргиевски.

Од ВМРО-ДПМНЕ со став дека поради дојавите за бомби наставата е во комплетен прекин а штетата од нереализираната настава и трајна и ненадоместлива.

„Го повикувам Министерството за внатрешни работи да си ја работи работата и да ги обезбеди училиштата 24 часа и неспособноста да не ја затскрива со изјавата дека сме во хибридна војна. Го повикувам и Министерството за образование и наука под итно да изнајде начин да се надокнади пропуштеното додека се уште има барем малку време“, додава Весна Јаневска.

Oд МВР информираат дека се направени сите потребни проверки од антитерористички тимови за добиените пораки со закана за наводно поставена експозивна направа во 30 училишта во Скопје и е утврдено дека станува збор за лажни пријави.