Шакира: Пишувањето песни е подобро од секоја психотерапија

Песните што ги пишувам се најдобрата терапија за мене, нивниот ефект е подобар од сеанса со психолог или психоаналитичар, изјави колумбиската музичка ѕвезда Шакира во првото интервју што го даде откако објави песна во која жестоко се пресметува со поранешниот партнер, фудбалерот на Барселнона Жерар Пике.

Пејачката во јануари ја сними песната „BZRP Music Session #53“ и тоа беше големо олеснување, откри таа во интервју за мексиканската телевизија.

„Влегов во студиото во едно расположение, а го напуштив во сосема поинакво (…) тоа беше големо олеснување, исцелување, закрепнување“, објасни таа.

„Без таа песна верувам дека не би била таму каде што сум денес“, смета Шакира.

Нејзиниот десетгодишен син Милан ѝ дал идеја да напише песна во соработка со аргентинскиот продуцент Бизарап, вели таа. „Ми рече ‘Мораш да снимиш нешто со него, Бизарап е аргентински бог!’“.

Шакира и поранешниот 36-годишен фудбалер во јуни објавија дека се разделуваат по повеќе од една деценија заеднички живот во кој добија две деца, Милан и Саша кој има осум години.

„Многу фитнес, но треба и малку да го вежбаш мозокот“, „Си заменил ферари за твинго“, „И ролекс за касио“, „Нема да ти се вратам дури и плачејќи да ме молиш“, „Одамна те надминав и затоа сега си со личност на твое ниво“, вели Шакира во песната во која не ја штеди ниту новата партнерка на нејзиниот поранешен партнер, 23-годишната Шпанка Клара Чиа .

Тоа е веќе трета песна на Шакира посветена на раскинувањето со Пике, по претходните „Te felicito“ (Ти честитам) и „Monotonia“.