
Според информациите на Европската ракометна федерација (ЕХФ), трите најдобри селекции од ланското Европско првенство (ЕП), Шведска, Шпанија и Данска, како веќе пласирани на континенталниот шампионат, в година во Германија ќе бидат сместени во првиот барабан при извлекувањето на групите на 10 мај во Диселдорф.
Во првиот барабан ќе бидат и трите најдобри селекции од квалификациите. Во вториот барабан веќе има резервирано само едно место, и тоа за домаќинот Германија, а пет првопласирани селекции од квалификациите ќе ги исполнат преостанатите места.
Осумте второпласирани селекции од квалификациите, како и четирите третопласирани селекции, ќе бидат сместени во третиот и во четвртиот барабан за ждрепката, во зависност од освоените бодови во квалификацискиот циклус.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров моментно имаат четири бода по победите над Луксембург дома и над Турција на гости, но исто толку има и Португалија. Токму меѓусебниот двомеч (9 и 12 март) ќе го реши прашањето кој ќе биде прв во групата, што, пак, ќе се рефлектира и врз тоа која селекција во кој барабан ќе биде за ждрепката за ЕП 2024.
Појасно ќе стане по третото и четвртото коло од квалификациите идната недела, но и по гостувањето кај Луксембург и играњето дома со Турција (двата меча во април).
ЕХФ реши и кои репрезентации во кои градови би играле доколку се пласираат на Европско првенство. Така Германија ќе биде во групата А и Норвешка во групата Д, двете во Берлин, Хрватска во групата Б и Шведска во групата Ц би играле во Манхајм, а Исланд во групата Ц и Данска во групата Ф, во Минхен.
Двете најдобри репрезентации во групите А, Б и Ц ќе се пласираат во главната рунда, која ќе се игра во Келн, а првите две селекции од групите Д, Е и Ф продолжуваат во Хамбург