
Членката на Централното собрание на Алијансата за Албанците, Роланда Превала Кадриу, се приклучи на огнената група на ДУИ. Ова го објави предводникот на „огнените“ и потпретседател на ДУИ, Изет Меџити.
„Имаше средба меѓу мене и г-ѓа Роланда Превала Кадриу, член на Централното собрание на Алијансата за Албанците која гордо се приклучи на каузата што ја водиме!“, напиша Меџити на Facebook.
„Огнените“ пред три дена одржаа голем собир во скопски Чаир во преполната спортска сала „Шабан Трестена“ на кој го критикуваа врвот на својата партија, а особено беа остри кон Артан Груби за кој инсиситираат да си поднесе оставка од вицепремиерската позиција и да ја наушти ДУИ.
Според Меџити, главната причина поради која расте бројот на оние кои се приклучуваат на оваа група е незадоволството од работата на Владата.
„Огнената група“ веќе подолг период бара смена на првиот вицепремиер Артан Груби, но и на други други функционери на ДУИ од партиските органи и од извршната власт поради нереализирање на партиската програма.
„Нашата реакција се сфаќа како искрена, таа се одрази не само во структурата, туку и надвор од структурата. Особено кога една опозициска партија една година пред избори кога останува само еден буџет да се реализира, без политички аргументи, односно без динамика, влегува во Влада само да намами некои функционери. Зборувам за Алијанса за Албанците, што значи дека тие поминаа десет години стоејќи зад раководството за на крај да направат дневни пазари“, изјави пратеникот и потпретседател на ДУИ Изет Меџити за ТВ „Алсат“.
Токму несогласувањето со партиската одлука да влезе во Владата била причината Роланда Превала Кадриу, која не е пратеничка, да ја напушти Алијанса за Албанците.
Според Меџити проширувањето на Владата со Алијанса за Албанците не го зајакнало мнозинството, туку целта била да се спаси Владата. Вели дека незадоволството од работата на ДУИ е големо, но според него тоа не значи дека од „огнените“ ќе произлезе ново движење или нова партија.
„Остануваме на ставот дека ќе се бориме во рамките на Демократската унија за интеграција, затоа што од првиот ден сме таму, така што го знаеме духот, ја знаеме програмата на ДУИ. Мислам дека овој народ кој 20 години ја поддржува оваа партија заслужува многу подобра извршна власт, со повеќе реализации, со повеќе проекти, а не извршна власт од Фејсбук или лажни промоции“, рече за ТВ Алсат Меџити.
Барањата на „огнената група“ не наидоа на поддршка од страна лидерот на ДУИ Али Ахмети што беше повод и едните и другите да почнат со интензивни средби со членството и симпатизирените на ДУИ.
Инаку, Алијанса за Албанците со реконструкцијата на Владата, која беше заокружена оваа недела стана нов партиципиент во извршната власт која поради несогласување со ваквата одлука претходно ја напушти Алтернатива.
Алијанса во реконструираната Владата доби три министерски и две заменик-министерски места. Новите министри и заменик-министри во Законодавниот дом беа избрани со мнозинство на гласови кое се движеше од 64 до 65 пратеници.