Акутниот недостиг од возачи на автобуси во Германија го намалува автобускиот превоз

Германските автобуски превозници сѐ почесто се принудени да ја ограничат својата понуда поради недостиг од возачи, соопшти во понеделникот Здружението на германски автобуски превозници (VDV).

„Мене не ми е позната ниту една компанија од секторот за автобуски транспорт што не била принудена да прекине барем една линија поради недостиг од возачи“, рече претседателот на VDV, Харалд Краус.

Истражувањето на германските автобуски превозници од јавниот сектор спроведено од страна на покривното здружение VDV покажува дека 77 отсто од испитаниците сметаат на раст на потребата од возачи до 2030 година. Во исто време, голем број возачи би можеле да се пензионираат до 2030-та, што би можело дополнително ја влоши состојбата со персоналот.

Краузе објаснува дека во минатото многу возачи ја напуштале транспортната бранша поради пониските плати.

„Финансиските услови се подобрија сега кога важноста на јавниот превоз е зголемена, но едноставно има недостиг од персонал“, рече Краузе.

Нагласи дека почетната саатница на возач на автобус во јавниот превоз во сојузната покраина Северна Рајна Вестфалија е 15,60 евра, што е, како што истакна, подобра од онаа во конкурентските компании коишто исто така вработуваат возачи.

Според истражувањето, 48 отсто од анкетираните компании изјавиле дека недостигот од возачи во моментов им е најголемиот проблем.

Од Здружението на меѓуградските и меѓународни автобуски превозници (DBO) изјавија дека до 2030 година ќе има недостиг од 87.000 возачи на автобуси, а во моментов се непополнети 7.800 работни места.

Како што нагласи минатата седмица германскиот министер за труд Хубертус Хајл, Германија сѐ уште се соочува со голем недостиг од работна сила. Тој најави дополнителни стимулативни мерки за доселвуање на работници во Германија.

Сојузниот завод за вработување на почетокот на месецот соопшти дека с уште има голема побарувачка за квалификувани работници, особено во здравството и ИТ секторите, но и кога се во прашање занаетчиските занимања.