Француската влада договори со супермаркетите за антиинфлациска потрошувачка кошничка

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер во понеделникот изјави дека постигнал договор со водечките синџири супермаркети за антиинфлациска кошничка, која сами ќе ја дефинираат со цел да ги намалат трошоците за основните намирници за граѓаните.

„Трговците на мало се согласија да им понудат на клиентите ‘најниски можни цени’ за период од три месеца за артикли што сами ќе ги изберат,“ рече Ле Мер на прес-конференција по состанокот со директорите.

Се очекува попустите да ги чинат трговците на мало „стотици милиони евра“, истакна Ле Мер.

Во јуни, трговците на мало и владините претставници ќе ја преоценат ситуацијата и може да побараат од главните добавувачи на стоки за широка потрошувачка повторно да преговараат за цените со малопродажните компании, додаде министерот.

Инфлацијата во Франција неочекувано забрза на 7,2 отсто во февруари, од 7,0 отсто во јануари, делумно поради повисоките цени на храната, покажуваат прелиминарните податоци на статистичката служба INSEE.

Статистичарите прогнозираат дека стапката на раст на цените на храната во првата половина од годинава ќе се задржи на 13 проценти.

Антиинфлациската кошничка со основна храна е последниот обид на владата на претседателот Емануел Макрон да покаже политичка поддршка за граѓаните со пониски приходи. На почетокот, владата се обиде да дефинира единствена кошничка со дневни потреби, но супермаркетите се бореа за правото сами да одлучат која храна да ја вклучат.

Во неделата „Carrefour“, најголемиот синџир за намирници во Европа, и пред соопштението на владата извести дека на купувачите ќе им понуди избор од 200 евтини артикли, додавајќи дека нема потреба владата да пропишува иста кошничка за сите.

Извршниот директор Александар Бомпар изјави за Le Journal du Dimanche дека почнувајќи од 15-ти март, на клиентите ќе им понуди 200 артикли по цени пониски од две евра кои ќе останат во сила до 15-ти јуни.

Неговиот помал конкурент „Casino“ во понеделникот објави дека од средината на месецот ќе понуди 500 артикли по цени пониски од едно евро и ќе ги замрзне на три месеца.

Шефот на синџирот хипермаркети „E.Leclerc“, Мишел-ЕдуардЛеклер, во понеделникот за CNEws изјави дека не гледа потреба од средба со министерот и дека не чекал политички преговори за намалување на цените.

„Мојата цел е да понудам најниски цени за сите производи“, тврди Леклер.