
Двајца од четворицата Американци киднапирани од вооружени напаѓачи во пограничен град со Мексико во петокот беа пронајдени мртви, а двајца беа пронајдени живи, соопшти денеска мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор на прес конференција.
Гувернерот на Тамаулипас, Америко Виљареал Анаја изјави дека преживеаните добиле медицинска помош и дека еден од нив е ранет.
Четворицата Американци биле лоцирани во, како што изгледа, медицинска клиника во Матаморос, изјави за Си-Ен-Ен американски функционер запознаен со тековната истрага.
„При заедничките претреси, пронајдени се четворицата американски државјани лишени од слобода минатиот петок. За жал, двајца загинати. Истрагата и разузнавачките служби продолжуваат со истрагата и гонење на сторителите“, се вели во постот на јавниот обвинител Тамаулипас Ирвинг Бариос на социјалната мрежа Твитер.
Смртните случаи на новинари лани скокнаа за 50 насто
Американските државјани во петокот со бело комбе со таблички од Северна Каролина преминале од Тексас во Матаморос, во североисточната мексиканска држава Тамаулипас, соопшти Американската амбасада во Мексико Сити.
„Набргу по преминувањето во Мексико, неидентификувани вооружени лица отворија оган врз патниците во возилото“, соопшти амбасадата, додавајќи дека „вооружените лица насилно ги ставиле четворица американски државјани во друго возило и побегнале со нив“.
Четворицата американски државјани се идентификувани како Зиндел Браун, Ерик Џејмс Вилијамс и роднините Латавија „Теј“ Мекги и Шаде Вудард.
Мајката на Латавија Мекги, Барбара Бурџис, за Еј-Би-Си изјави дека нејзината ќерка отпатувала од Јужна Каролина во Мексико за медицинска козметичка процедура.