Кабинетот на Зеленски : Украина нема да го предаде Бахмут

Кабинетот на украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека високите воени команданти се согласиле да го задржат Бахмут – клучниот град во Донбас, откако германските медиуми тврдеа дека висок генерал го охрабрил повлекувањето.

Во понеделникот Зеленски одржа закажан состанок со високи владини претставници одговорни за војската за време на конфликтот со Русија, се вели во соопштението објавено на неговата веб-страница.

„Претседателот го праша врховниот командант на украинските вооружени сили Валериј Залужни и уште еден висок командант за понатамошна акција во насока Бахмут. Тие го поддржаа продолжувањето на одбранбената операција и натамошното зајакнување на нашите позиции во Бахмут“, се вели во соопштението.

Претходно истиот ден, германскиот весник „Билд“ тврдеше дека Зеленски и Залужни се во несогласување околу најдобриот начин на дејствување во зафатениот град. Генералот го советуваше претседателот да ги повлече војниците пред неколку недели, но предлогот беше одбиен, изјавија за таблоидот извори во украинската влада.

Бахмут е дел од украинската одбранбена линија долга 70 километри во Донбас и има интензивни борби со руските сили од крајот на јануари. И Киев и Москва изјавија дека спротивната страна претрпела значителни жртви околу градот, додека руските трупи напредувале.

Минатиот петок, Евгениј Пригожин, шеф на приватната воена фирма Вагнер Груп, тврдеше дека градот е „де-факто целосно опколен“ и го повика Зеленски да им нареди на украинските војници да се евакуираат.

Според извори на Билд, украинските војници во Бахмут „не разбираат зошто градот се држи“ и веруваат дека требало да се повлечат одамна.

Изданието, исто така, ја поврза пријавената расправија меѓу Зеленски и Залужни со зголемената популарност на вториот, што може да го направи остварлив противник на Зеленски ако тој одлучи да се кандидира за функцијата.