Норвешкото индустриско производство потонало на почетокот на годината

Индустриското производство во Норвешка драстично паднало во јануари, како одраз на падот на производството во секторите електрична енергија, природен гас и пареа, покажаа во вторникот презенираните податоци на заводот за статистика.

Индустриското производство во јануари паднало за сезонски приспособените 8,3 отсто во однос на декември, кога бележеше пад од 0,2 отсто. На годишно ниво, индустриското производство паднало за 6,6 отсто според календарски приспособените податоци, по стагнацијата во декември.

Производството во секторот електрична енергија, гас и пареа паднало во јануари за 8,6 отсто во однос на декември, кога беше благо намалено. На годишно ниво се намалило за 5,8 отсто, по скокот од 7,4 отсто во последниот месец од минатата година.

Норвешка ја замени Русија како главен снабдувач на гас во Европа. Норвешкото производство на гас во јануари е намалено за 1,2 отсто во однос на декември, кога е зголемено за 4,6 отсто. На годишно ниво е зголемено за 4,0 отсто, речиси двојно посилно отколку во декември.

Владата во средината на февруари објави дека ќе размисли за оданочување на извозот на електрична енергија и други мерки за да се зачува повеќе енергија за домашните потреби и да се ограничи инфлацијата.

Минатата година Норвешка стравуваше за снабдувањето со електрична енергија, откако операторот на електричната мрежа во мај предупреди за можни проблеми поради скудните врнежи и ниските нивоа на водата во езерата во резервоарите. На крајот на ноември, компанијата „Statnett“ го повлече предупредувањето за притисок во електроенергетскиот систем поради обилните врнежи. Сепак, зимата беше блага и производителите на електрична енергија и властите внимателно ги анализираат количествата снег и неговото потенцијално влијание врз полнењето на резервоарите во пролет и лето.