Анѓушев: Обновливите извори на енергија се иднината, но треба да се инвестира во различни видови и типови на електрани

Тодор Анѓушев е претседател на Групацијата за обновливи извори и извршен директор на компанијата Energy Maintanance Solution , членка на Групацијата Феро инвест, кој има големо искуство во координација на над 120 проекти за планирање, изградба, пуштање во употреба и управување на капацитети од обновливи извори: мали хидроелектрани, фотоволтаични електрични централи, електрична централа на биогас, трансформатори во рамките на електраните, водови за електроенергетско поврзување и многу други проекти.

Во интервјуто за „Економија и бизнис“ Анѓушев нагласува дека капацитетите од обновливи извори на енергија се иднината на Република Северна Македонија, но дека нивната изградба треба да се одвива плански и согласно зеленото сценарио во Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година, која е комплементарен и сеопфатен стратегиски документ со кој на долг рок ќе се подобри енергетската состојба во Република Северна Македонија и ќе се постигне поголема енергетска независност.

„Групацијата за обновливи извори е дел од Македонската енергетска асоцијација при Стопанската комора на Северна Македонија во која членуваат над 40 компании чија главна дејност е токму изградбата и управувањето со централи од обновливи извори на енергија. Тоа се компании со повеќедецениско искуство во областа, со сериозно портфолио на проекти. Во рамките на Групацијата ги разменуваме најновите искуства и практики за обновливи извори, но и создаваме усогласени ставови по однос на енергетската иднина на Северна Македонија, кои потоа преку Комората ги доставуваме до институциите со цел да се подобри амбиентот за инвестирање во енергетскиот сектор“, вели Тодор.
Тој има позитивни ставови, но и умерени критики во однос на развојот на енергетскиот сектор при што истакнува дека во изминативе 4-5 години со донесување на современ Закон за енергетика, усогласен со третиот енергетски пакет на Европската Унија, е овозможено зголемување на обновливите извори на енергија, но сепак смета дека недоволно плански се реализира Стратегијата, што во иднина би можело да биде поголем проблем отколку решение за постигнување на толку посакуваната енергетска независност.

„Обновливите извори се нашата иднина и ние треба да се стремиме кон тоа да ги искористиме природните ресурси колку што можеме повеќе, се разбира во согласност со физибилити студиите за секој од видовите обновливи извори. Наш фокус треба да биде диверзификација на обновливи извори, во моментов во прв план се ставени фотоволтаиците, што е и донекаде разбирливо поради добрата сончева радијација, но треба да разбереме дека електроенергетскиот систем нема да може да биде стабилен само со фотоволтаици. Затоа треба да се градат и другите видови обновливи извори како што е и реверзибилната хидроелектрична централа ’Чебрен‘, малите хидроелектрани, ветерни паркови и електрани на биогас и биомаса, а дополнително треба да се работи на развој на батериски системи за складирање енергија и системи за производство на водород“, посочува Анѓушев и вели дека балансиран електроенергетски систем е можен само со планска комбинација на обновливи извори на енергија поддржана со базна енергија од извори кои не загадуваат.
Анѓушев го пренесува задоволството на инвеститорите кои велат дека постои напредок во законската легислатива за обновливи извори, но и дека најголемиот дел од нив се среќаваат и со многубројни административни пречки при реализација на проектите.

„Секој енергетски проект е инвестиција за која треба многу финансиски средства, но и долго време за да се реализира, а администрацијата треба да биде сервис на инвеститорите и да го олеснува процесот. Во моментов не можеме да кажеме дека имаме ефикасна администрација во тој поглед, но треба да се ажурира и легислативата, особено во делот за батериски системи. Потребно е да бидеме во тек со современите трендови во енергетиката затоа што инвестиции се случуваат кај нас, но и во сите околни земји, тоа е фактичката ситуација на терен и ние мора да бидеме свесни дека сите околу нас исто така забрзано вложуваат во енергетика и обновливи извори. Колку побрзо го прилагодиме системот, толку побрзо ќе се равива енергетиката“, вели претседателот на Групацијата на обновливи извори.

Сончевата радијација во Северна Македонија со години се истакнува како предност и со децении се критикува дека недоволно се вложува во фотоволтаични електрични централи, сега изгледа дека состојбите се променети. Дали Северна Македонија може да стане енергетски независна доколку ја базираме енергетиката на соларни електрани?

„Во овој момент дефинитивно не можеме да обезбедиме енергетска независност само од фотоволтаични електрични централи. Точно е дека работите кај фотоволтаиците се различни од, на пример, пред 4-5 години кога имавме само 18 MW инсталирана моќност од фотоволтаици, но некако како да одиме од крајност во крајност. Сега имаме неколкукратно повеќе инсталирана моќност, но имаме и ситуација да постои интерес за изградба на фотоволтаични електрични централи со инсталирана моќност до 6 или 7 GW, едно вистинско елдорадо за фотоволтаици. Реалноста е дека ако се дозволи изградбата на сите, без контрола и без план, ќе дојдеме во ситуација инвеститорите да не можат да ги вратат средствата кои ги вложиле. Зошто е тоа така? Најпрво поради тоа што преносниот систем во моментов не може да прими толкаво количество на енергија, но и да се инвестира во електропреносниот систем, сета таа енегија ќе нема каде да се потроши, а нема ни да може да се извезе затоа што се инвестира и во другите земји, па ќе дојдеме до ситуации во кои ќе мора да се гасат централи, а сите знаеме дека најскапа инвестиција е онаа која не работи. Секој извор на енергија има различен квалитет и квантитет на производство во зависност од годишниот период, период на денот и временските услови, затоа треба да се инвестира во диверзифицирани капацитети од различни обновливи извори, а паралелно да се развиваат и батериски системи за складирање и технологиите за добивање на водород од струја“, вели Анѓушев.

Од искуствата во изминативе година и пол, период на енергетска криза со екстремни цени на електричната енергија, произлегува препораката од Групацијата секоја производствена компанија која има можности оптимално да инвестира во обновливи извори на енергија, која би ја користеле пред сè за сопствени потреби, со што би биле делумно заштитени од евентуални берзански потреси со оглед дека тие енергијата ја набавуваат на слободен пазар.
„Препораката, пред сè, се однесува на инсталација на фотоволтаични електрани на покривите на производствени хали или други објекти, што е релативно брзо изводливо. Точно дека тоа повлекува дополнителни инвестиции, но би можело да им донесе заштеди на компаниите за потрошена електрична енергија, особено во периодот кога фотоволтаиците се најефективни, а тоа е од април до септември кога е и нивното најголемо производство на електрична енергија“, потенцира претседателот на Групацијата на обновливи извори Тодор Анѓушев.