Решете го проблемот со Бугарија, според примерот со Грција, ни порачуваат дипломати од Брисел

Дипломатски извори од Брисел уверуваат дека за Македонија нема план „Б“, туку се работи на планот „А“ за членство на земјава во Европската Унија, за коj, велат тие, постои огромна поддршка од земјите-членки.
Од Брисел уверуваат дека Западен Балкан е на врвот на агендата на ЕУ и оти нема да запре политичкиот интерес за проширувањето, особено во новиот геополитички контекс.
Kако што јави МИА од Брисел, тие се децидни дека сега е моментот да направиме чекор напред, но треба и да испорачаме и да го забрзаме реформскиот процес.
Од друга страна, во однос на тоа колку ќе трае преговарачкиот процес, велат дека ЕК не поставува календар и не може да предвиди колку ќе траат преговорите, но порачуваат државата да направи акциски план којшто ќе биде во исто време и амбициозен и реалистичен.
Во однос на уставните измени, дипломатски извори од Брисел оценуваат дека во земјава никој нема забелешка за содржината на самите измени на Уставот, бидејќи, како што велат, државава има долга традиција на негување на правата на сите малцинства.
Проблемот тука, велат тие, не е во содржината на уставните измени, туку „проблемот којшто настана е симболизмот на тоа и проценката од ризикот дека ќе има натамошни блокади од Софија во процесот“.
Тие порачуваат ако земјава успее да оди напред во ова, и ако со Бугарите се направат напори да се изгради долгорочна доверба, како по примерот со Грција, прашањата тогаш, според нив, автоматски ќе бидат решени.
Во однос на уставните измени, дипломатите од Брисел додаваат дека акциски план за малцинства има и Србија, така што, велат тие, Македонија не е исклучок во тоа.
Во однос на тоа дали може ЕУ да даде гаранции дека Бугарија нема да нѐ блокира, што беше и едно од барањата на опозицијата за да поддржи уставни измени, дипломатите порачуваат да не се фокусираме на барањата за некакви гаранции за членство, туку на обврските што се преземени и чие остварување го прави автоматски процесот на пристапување во ЕУ.