Ковачевски: Влада од типот на Пржинската не и е потребна на земја членка на НАТО и земја која ги отвори преговорите со ЕУ

За мене етничката припадност не е професија, секој кој исполнува професионални критериуми кои се стекнуваат со знаење, со искуство, со посветеност, со работа може да биде претседател на Влада, особено во технички мандат. Сме имале и премиер кој беше Влав и успешно се справуваше со предизвиците. Затоа сметам дека тоа е нешто што е асполвирано во јавноста уште пред три години, изјави вечерва премиерот Димитар Ковачевски.

Во текот на гостувањето во централниот дневник на телевизија Сител, Ковачевски рече дека прашањето за предвремени избори е затворено и дека во 2024 година прво ќе се одржат претседателските, а потоа и редовните парламентарни избори.

Негов личен став е дека Влада од типот на Пржинската не ѝ е потребна на држава која веќе е членка на НАТО и која има отворено преговори со Европската унија.

„Таа влада беше договорена низ едни тешки преговори кога нашата држава беше заробена држава, кога беше обзнането дека државните институции се злоупотребуваат политички и како резултат на преговори се дојде до една техничка Влада од 100 дена која ги спроведува изборите. Земја која е членка на НАТО, која отвори преговори со ЕУ, која претседава со ОБСЕ, која во моментов е фактор на стабилност на Балканот, сметам дека не треба да има“, рече Ковачевски.