
Пролетните акции за чистење на ЈП „Исар“ и на Општина Штип почнаа од населбата Автокоманда. Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов, директорите на јавните претпријатија, екипи на ЈП „Исар“, но и граѓани од урбаната заедница Автокоманда денеска ги чистеа од отпадоци зелените површини, тротоарите и улиците. Штипскиот градоначалник вели дека целта на овие пролетни акции, кои се организираат втора година е да се подигне јавната свест на жителите на населбите.
-Овие два дена ќе работиме на расчистување и уредување на оваа населба. Целта е подигање на јавната свест, но и чистење во пресрет на пролетта. Во наредните викенди цел ни е ваква активност да направиме и за расчистување и на другите населби, вели Јорданов.
Посочи дека секој граѓанин може да учествува во овие еколошки акции, но пред сè да не дозволи и секојдневно загадување на животната средина. Директорот на ЈП „Исар“-Штип, Трајан Коцев вели дека собрани се десет метри кубни отпад при расчистувањето на сметот и шутот од населбата Автокоманда.