
Се вели, уметноста е лек кој ни помага да живееме и е една од уникатните квалитети што нè прават луѓе.
Дрвото можеби е еден од најстарите и највообичаените материјали за создавање уметнички и револуционерни форми, кое е полно и со изненадувања.
Моќта на дрвото која го обзема просторот со магична енергија, преку неговите моќни, елегантни, минимални или разиграни форми, е совршен предизвик за уметниците.
Еден од нив е и скопјанецот Драшко Колев, кој допирајќи ја душата на парче дрво создава деликатна убавина и извонредни парчиња кои можат да го украсат секој дом.
Колев, кој воедно е дипломиран машински инженер, вели дека отсекогаш го привлекувала работата со дрво, која му дава голема слобода за импровизација и експериментирање.
Веќе профилиран и стилски претпознатлив, тој својата приказна ја почнува многу спонтано со изработка на предмети за „своја душа“, а поддршката од семејството му дава поттик да почне да се занимава со оваа уметност и посериозно.
За дрвените рачни изработки, од декорации до уникатни парчиња мебел, Колев користи најчесто дрво од орев, но и од даб и од костен.
Дрвото како прилично популарен материјал, со неговите различни бои и текстури, може да се користи за сè – од изработка за едноставна фигура до сложена скулптура. Дури и необработеното дрво може да трае со години ако се чува во суви услови.
Поради неговиот природен квалитет, дрвото не само што добива на вредност преку креативни облици замислени од уметниците, туку е ценето и поради неговиот естетски квалитет во непроменета форма.
Зошто го избравте токму дрвото за уметнички израз?
Отсекогаш дрвото ми давало инспирација и ја будело креативноста во мене со својата шареноликост и разновидност што може да се креира во разни форми. Тоа плени со својата природност секаде каде што се применува. Дрвото отсекогаш било многу применувано, тоа е скоро секаде околу нашето опкружување.
Како почнавте со рачни изработки од дрво и колку долго веќе се занимавате со тоа?
На почетокот започнав со изработки чисто од љубов, во своето слободно време, тоа ми беше одмор. Тоа пред сѐ беа разни мали предмети корисни за во домот, од ламби, полици, мали масички..но исклучиво за себе и моите најблиски. Сето тоа беше исклучиво од љубов кон дрвото, но и да заштедам на купување на готови производи потребни за во домот. Сѐ што можев си правев сам… но, никогаш не помислив да изработувам за клиенти и да ги наплаќам за тоа, бидејќи не бев сигурен во себе. Сето тоа ми изгледаше далеку и недостижно. Постојано мислев дека не се доволно добри и квалитетни за да ги понудам на клиенти. Но, моите блиски пријатели и моите дома постојано ме убедуваа дека не сум во право и дека треба да почнам пополека, затоа што сите имаа позитивни коментари дека имаат квалитет моите изработки. Така и се случи, почнав да ги нудам и давам своите производи кои си го најдоа своето место на пазарот и можам да кажам, благодарам, на моите блиски пријатели што ми ја влеаја таа доза на сигурност за да продолжам, што на крај и се покажа дека биле сосема во право. Со оваа работа се занимавам многу одамна, но, како што и претходно споменав, посериозно со изработки со нарачки за клиенти работам речиси две години. Постојано учиме и се надоградуваме, секако тука нема да застанам!
Дрвото како еден од најиздржливите материјали претставува и безвременски тренд во уредувањето на домот, а совршено се вклопува во секој ентериер. Било како декоративен детаљ или парче мебел, бидејќи како што се вели – дрвото го оплеменува секој простор! Какво дрво најчесто користите?
Преферирам дрво од орев кое што е многу интересно со својата шареноликост што му дава уникатност на секој изработен предмет. Користам и дрво од даб, кое е со посветла боја, но е многу квалитетно и ценето и доста користено. Тука би го споменал и дрвото од костен кое исто и како дрвото од орев, ја има таа „мекост” при обработката. Користам и дрво од јасен кое што е впечатливо со своите линии и светлата боја.
Работите и по нарачка. Што најчесто се бара од вас да направите и како би го опишале уметничкиот „печат“ според кои се препознатливи вашите дела?
Така е, работам и по желба на моите клиенти, како за видот на дрвото така и за формата и димензиите. Токму поради тоа, сѐ повеќе луѓе се одлучуваат за овој вид производи поради тоа што овие дела се изработуваат по димензии и желба на секој клиент и крајниот резултат е уникатност на секое парче. Всушност, уникатноста ги прави овие производи барани, зашто ниту еден производ не може да се изработи во две исти парчиња. Затоа што секоја изработка е рачна, секое парче дрво е различно, како по својата шара, така и по својата форма. По димензии изработувам најмногу трпезариски маси, но и малите клуб масички се доста барани. Во последно време сѐ повеќе се бара да биде вметната и епоксидна смола која што сѐ повеќе си ја наоѓа својата примена. Таа му дава посебна убавина со својата широка креативност која се нанесува во разни бои што може и да се мешаат, па и да се вметнуваат предмети во самата смола со конкретна порака што сакаме да ја искажеме преку тој производ. Моите производи се специфични по тоа што се трудам на секое парче да му посветам многу внимание, да се запази секој детаљ, да му дадем свежина, мазност, за да се истакне целата убавина на дрвото, а покрај него да ја искажем мојата креативност и умешност.
Изработките на Драшко Колев може да ги видите на Инстаграм профилот KOLEV_RUSTICWOODS.