ВМРО-ДПМНЕ: Арсовска денес со Владата и СДСМ срка од истиот мед за кој говореше

Во врска со договорот со Европската инвестициска банка за грант на пречистителна станица во Скопје, проект во кој беше вклучен Златко Перински, како директор на ЈП Водовод и канализација, се огласи и ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата потсети дека овој проект од капитално значење за скопјани беше директно саботиран од Данела Арсовска и од СДСМ, лажно манипулирајќи дека е криминален и дека кадрите на ВМРО-ДПМНЕ се „со рацете во медот“.

Потпретседателката на Европската инвестициска банка Павлова потврди дека се работи за кристално чист проект.

„Она што можам да го кажам е дека ние мора да следиме посебни правила и процедури и вршиме надзор со вонредни и редовни контроли на процесот на оваа јавна набавка, но се мина во добар ред и има зелено светло за Водовод да го потпише договорот“, рече Павлова.

„Денес Арсовска присуствуваше на истиот проект поради кој го разреши Перински без никаков основ. Арсовска се однесува како да има колективна амнезија. И сега, откако го одобри истиот проект, ќе се прикажува како за спасител на проектот што го саботираше. Паднаа маските. Се видоа лагите и клеветите на Арсовска за пречистителната станица и се потврди коалицијата Арсовска, СДС, ДУИ и Левица. Денес со Владата и СДСМ таа срка од истиот мед за кој говореше, но останаа груба дамка манипулациите и жестоките лаги кон претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и кон Златко Перински“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ и се бара извинување од Арсовска и од СДСМ.