Доколку не се прифати бугарскиот диктат за македонската историја, никогаш Македонија нема да стане земја членка на ЕУ, вели Николоски

Македонија би можела да има одличен перформанс во делот на владеење на правото, или во делот на екологијата, во делот на земјоделието, или во делот на економијата, но доколку не се прифати бугарскиот диктат за македонската историја, никогаш Македонија нема да стане земја членка на ЕУ, изјави Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во гостување во „Аргумент плус” на Телевизија 24.
„Тоа е најголемата штета, трајна штета, историска штета, која што оваа Влада ѝ ја нанесе на Македонија и ја стави во крајно подредена позиција. Такви уцени ние не сме спремни да прифаќаме”, категоричен беше Николоски.
Тој истакна дека еден од најголемите проблеми е тоа што оваа власт Македонија ја стави во уникатна позиција во која што ниедна држава не била, а тоа е да води паралелни преговори – од една страна да води преговори за прилагодување на законодавството со законодавството на ЕУ, тоа се кластерите, но и паралелно да преговара за историјата со Бугарија.
„Во последниот протокол кој што е потпишан помеѓу Бујар Османи и министерот за надворешни работи на Бугарија, јасно пишува дека историската комисија мора да заврши со својата работа и сите учебници да бидат променети пред Македонија да ги заврши преговорите за членство со ЕУ”, објасни тој.