Мајмуните може да ја објаснат човековата потреба од изменета ментална состојба

Големите мајмуни намерно се вртат по својата оска за да се зашеметат, открија научниците, сугерирајќи дека откритието може да објасни зошто луѓето имаат потреба да постигнат изменети ментални состојби и активно да манипулираат со сопственото расположение и перцепција на реалноста, според студијата објавена во списанието Primates.

Студијата на научниците од Универзитетот во Ворвик и Универзитетот во Бирмингем во Велика Британија се заснова на набљудување на онлајн видеа во кои големите мајмуни како горили, шимпанза и орангутани се вртат за намерно да предизвикаат вртоглавица.

„Секоја култура нашла начин да избега од реалноста преку одредени ритуали или практики. Оваа човечка особина на барање изменети состојби е толку универзална, историски и културна, што отвора интригантна можност дека тоа е нешто потенцијално наследено од нашите еволутивни предци. Ако навистина е така, тоа би имало огромни последици за тоа како размислуваме за современите човечки когнитивни способности и емоционални потреби“, вели д-р Адријано Ламеира, вонреден професор по психологија на Универзитетот во Ворвик, кој го водеше истражувањето.

Научниот тим наиде на вирално видео од машка горила како се врти во базен и го продолжи своето истражување на YouTube. Тие пронајдоа повеќе видеа од горили, шимпанза и орангутани како се вртат. Биле анализирани 40 видеа на интернет, а научниците откриле дека приматите се вртат во просек 5,5 пати по „сеанса“ на вртење, со просечна брзина од 1,5 вртежи во секунда. Животните го правеле тоа во просек трипати, откриле научниците.

Биле споредени брзините на вртењето и студијата открила дека животните може да се вртат додека се држат за јаже или лијана, исто толку брзо како и луѓето – професионалните танчери и циркуски уметници, како и дервишите кои се занимаваат со такви практики за да постигнат духовен транс.

„Вртењето ја менува нашата состојба на свест, го менува односот на телото и умот и координацијата, што нè прави да се чувствуваме лошо, ‘лелуаво’ или одушевени како во случајот со децата кои играат на разни видови вртелешки“, додава д-р Ламеира.

„Ако сите големи мајмуни бараат вртоглавица, многу е веројатно дека и нашите предци го барале истото. Се прашувавме каква улога играат овие однесувања кога станува збор за развојот на човечкиот ум. Мајмуните го правеа тоа намерно, речиси како да танцуваат – тоа е познат механизам кај луѓето што универзално го олеснува регулирањето на расположението, социјалното поврзување и го засилува сетилата и се заснова на ротациони движења. Сличноста меѓу она што го правеа мајмуните и она што го прават луѓето беше повеќе од случајна“, додава професорот.

Во видеата каде што животните користеле јажиња или лијани, тие се вртеле најбрзо и најдолго, покажало истражувањето. Некои инсерти се споредувани со видеа од човечки пируети, на пример во танц.

Научниците, исто така, се обиделе да се вртат со овие брзини и за исто време и откриле дека е тешко да се постигне трет круг од вртењето со овие брзини, како што тоа го правеле големите мајмуни. Според студијата, мајмуните во тоа време биле забележително „разнишани“ и најверојатно ќе ја изгубат рамнотежата и ќе паднат.

„Ова би значело дека приматите намерно се вртеле, и покрај тоа што почнале да ги чувствуваат ефектите од вртоглавица, сè додека не можеле подолго да не одржуваат рамнотежа“, објаснува д-р Маркус Перлман, предавач на Катедрата за англиски и лингвистика на Универзитетот во Бирмингем, кој учествувал во истражувањето.

Претходни студии се обиделе да ги разберат човечките мотиви за предизвикување вртоглавица, фокусирајќи се на употребата на супстанции како алкохол или дрога, но не е сигурно дали таквите супстанции им биле достапни на човечките предци. Научниците велат дека оваа нова студија можеби е порелевантна за објаснување на улогата на изменетите ментални состојби во еволуцијата на човечкиот ум.

„Колку гледате поназад во човечката историја, толку помалку можеме да бидеме сигурни за улогата што ја одиграле искуствата предизвикани од супстанција во нашата еволуција. Не е јасно дали нашите предци имале пристап до супстанции што го менуваат умот и дали ги имале алатките и знаењето за создавање на тие супстанции. На пример, луѓето можеби имале пристап до грозје, но не можете да претпоставите дека имале алатки или знаење за правење вино“, додава д-р Ламеира.

Научниците велат дека се потребни дополнителни истражувања за да се разберат мотивациите на животните за ваквото однесување.