
Бугарската потпретседателка Илијана Јотова повика на преговори меѓу Русија и Украина откако Кремљ објави план за распоредување на руско нуклеарно оружје во Белорусија.
Ситуацијата станува „се поопасна и пострашна“, рече Јотова и објасни дека поради тоа, заедно со бугарскиот претседател Румен Радев, постојано повикува на преговори.
– Ова не се празни зборови, оцени таа.
Според неа, Бугарија посакува преговори бидејќи повеќе оружје во сите земји води до непредвидливи одлуки и сега постои реална закана.
– Се надевам дека разумот сепак ќе надвладее. И дека во овој случај повеќе се работи за закани отколку за вистинско дејствување, додаде потпретседателката на Бугарија.