Одблокирана одлуката за возилата со мотори со внатрешно согорување во ЕУ

Земјите-членки на Европската унија во понеделникот постигнаа договор за забрана на продажбата на нови возила со мотори со внатрешно согорување од 2035 година, откако беше постигнат договор со Германија за изземање од забраната моторите што ќе користат синтетички, е-горива.

Договорот е постигнат на ниво на замениците постојани претставници на земјите-членки (Coreper I), а во вторник треба да го потврдат и министрите за енергетика на нивната редовна средба, соопшти шведското претседателство.

Германија на почетокот на месецов го блокираше веќе договорениот закон за забрана за продажба на нови возила со мотори со внатрешно согорување по 2035 година.

Законот веќе беше изгласан во Европскиот парламент и остана само формална одлука во Советот, но Германија го блокираше во последен момент, што е крајно невообичаено бидејќи во таа фаза на одлучување, одлуката на Советот обично е само формалност.

Во саботата Европската комисија постигна договор со Германија според кој постоечкиот текст на законот за забрана на возила со мотори со внатрешно согорување ќе остане непроменет, а Комисијата се обврза до есен оваа година да донесе делегирана регулатива која ќе воведе нова категорија возила во ЕУ за автомобили што можат да работат само на јаглеродно неутрални горива.

Синтетичките или е-горивата се произведуваат од чист водород и јаглерод диоксид земени од атмосферата. Овие горива можат да се користат во денешните мотори со внатрешно согорување. Со согорувањето на овие горива се ослободува јаглерод диоксид кој е веќе земен од атмосферата, така што не придонесува за зголемување на емисиите на јаглерод диоксид, а според делегираната регулатива ќе се смета за јаглеродно неутрално гориво.

Технологијата за производство на е-гориво сè уште е во повој и далеку од комерцијализација. За нивното производство се потребни огромни количества електрична енергија од обновливи извори за да се добие чист водород преку електролиза.

Германија, од своја страна, успеа да придобие неколку други земји членки како Италија, Полска и Бугарија и на овој начин можеше да ја блокира одлуката во Советот.

Многумина предупредуваат на можност за злоупотреба, бидејќи и по 2035 година на бензинските пумпи ќе се продаваат класични горива, бидејќи возилата произведени пред таа година и понатаму ќе бидат во оптек.