
Саудискиот нафтен гигант „Saudi Aramco“ потпиша со кинеските партнери договор во износ од 12,2 милијарди американски долари за проектот за рафинерија и петрохемиски комплекс на североистокот на Кина кои треба да започнат со работа во 2026 година.
Проектот кој ќе се спроведува во градот Панџин во провинцијата Лијаонинг ќе биде второто големо вложување на „Saudi Aramco“ во Кина, а договорот е потпишан откако најголемиот светски извозник на нафта пријави рекордна добивка за минатата 2022 година од 161 милијарда долари.
Заедничката компанија „Huajin Aramco Petrochemical Company“ (HAPCO) ќе го изгради рафинерискиот комплекс за преработка на 300.000 барели нафта дневно, којшто ќе произведува и 1,65 милиони тони етилен и 2 милиона тони праксилен, објави саудиската компанија.
Според очекувањата, проектот би требало да чини 83,7 милијарди јуани, односно 12,2 милијарди долари, соопшти партнерската групација „Panjin Xicheng Industrial“.
Малку половина од уделите во новиот комплекс ќе ги држи кинескиот произведувач на воена опрема „ NORINCO Group“, 30 отсто ќе има „Saudi Aramco“, а 19 отсто ќе поседува „Panjin Xicheng Industrial“.
Изградбата на комплексот ќе започне во вториот годинешен квартал, откако за проектот ќе биде обезбедена неопходните административни одобрувања, велат од саудиската компанија. Се очекува дека целиот комплекс ќе биде оперативен до 2026 година, во кој ќе испорачуваат до 210.000 барели сирова нафта дневно.